Search

Митаракис им даде рок од една недела на локалните власти од островите да предложат нови локации за изградба на затворените центри

Грчкиот министер за миграција и азил, Нотис Митаракис, на локалните власти од островите им даде рок од една недела да предложат нови локации за изградба на затворените центри за бегалци и мигранти, во обид да се најде решение за несогласувањата што постојат меѓу владата и локалната самоуправа, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за миграција и азил и префектот на северниот дел на Егејското море, Костас Муѕурис, утрово беа гости во информативна емисија на грчката телевизија ЕРТ, каде што Митаракис, најави дека „ја замрзнува” изградбата на центрите за да постои дијалог со локалните власти. Подоцна излезе со став и преку социјалните мрежи.

-Една седмица рок за локалната самоуправа да посочи други простори за затворени центри на островите. Се е подготвено за спроведување на владиниот план, за да се затворат анархичните отворени центри и да се забрза политиката за азил и враќања, напиша на социјалните мрежи министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис и објави фотографија со префектот на северниот дел на Егејското море, по нивното заедничко гостување на ЕРТ.

Во утринската информативна емисија, министерот и префектот имаа дискусија околу ситуацијата на островите и различните позиции за изградбата на новите затворени центри.

-Ако ние, до лето не ги затвориме отворените центри и ја имаме  истата ситуација сите жители на островите и тебе и мене ќе ни велат: „Што правевте цела зима”, рече Митаракис, на што префектот му одговори дека нема да се затворат центрите бидејќи е голем бројот на бегалци и мигранти, а „градбите, не се градат за шест месеци, тоа се големи објекти”.

По што министерот за миграција и азил најави замрзнување на изградбата и можност одново да започне дијалогот.

Во однос на новите затворени центри, Митаракис објасни дека просечниот период на престој ќе биде помалку од шест месеци, a објектите ќе бидат затворени за сите.

Треба да знаете
Последни објави