Search

Концерт на рускиот виолинист Вадим Глузман со Филхармонијата 

„Меѓу срцето и умот” е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата на кој ќе настапи рускиот виолинист Вадим Глузман, кој важи за еден од најдобрите инструменталисти на светската музичка сцена.

На 16 години тој се преселил во Израел, каде што учел виолина кај славниот Исак Штерн. Свири на исклучителен инструмент „Страдивари”, кој некогаш му припаѓал на големиот унгарски виолинист и педагог Леополд Оер.

Глузман вечер ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар оп. 64 од Феликс Менделсон, едно од најизведуваните дела во виолинската литература. Според него, тој е еден од најсовршените во виолинскиот репертоар.

– И хармонски, и ритмички, и мелодиски, нема нешто што треба да се додаде или одземе во него. Во исто време, концертот ја носи „тежината” на традицијата што ја создале генерации музичари пред мене. Да бидеш инспириран од традицијата, без да следиш никого, да го најдеш својот глас без да ги нарушиш интенциите на композиторите и на крај да ја допреш суштината на делото – тоа се најважните предизвици кога пред себе имаш вакво музичко ремек-дело, истакнува Глузман.

На програмата вечер е и Симфонијата број 5 од Сергеј Прокофјев, напишана во 1944 година, во период кога Прокофјев бил еден од најизведуваните советски композитори. Како што наведува Филхармонијата, станува збор за исклучително моќно музичко дело, кое се инспирира од симфонискиот стил на Бетовен и Чајковски, но во исто време промовира автентичен и индивидуален музички јазик.

Вечерашниот концерт ќе го води Михал Нестерович од Полска, кој диригирал со водечки оркестри и ансамбли во Европа.

Треба да знаете
Последни објави