Search

Кандидатка од СИРИЗА се повлече од евроизборите, откако медиумите објавија дека нелегално ја земала пензијата на починатата мајка

Откако дел од медиумите објавија дека пет и пол години нелегално ја земала пензијата од нејзината почината мајка и ја очекува судење за долгови кон државата, кандидатката за европратеник на СИРИЗА на претстојните избори, Мирсини Лоизу, се повлече од трката, јави дописничката на МИА од Атина.

Според весниците „Филелефтерос” и „Прото тема”, Лоизу пред две години била осудена на две години условна затворска казна од атинскиот суд затоа што во периодот од септември 2007 до јули 2012, односно 69 месеци нелегално ја земала пензијата на нејзината мајка, која починала во 2007.

Паралелно, во мај годинава, кусо пред евроизборите, според грчките весници, Лоизу ја очекува и судски процес за долгови кон државата.

Сега веќе поранешната кандидатка за европратеник на СИРИЗА во писмото со нејзината оставка вели дека некои медиуми во обидот да остават впечаток, „измешале два различни случаи”.

-И двата случаи ќе беа скандалозни, доколку се обидев да скријам или да избегнам некаква обврска. Напротив, бев доследна во секој процес и секогаш сум ѝ на располагање на грчката држава, пишува Лоизу.

Во однос на пензијата на нејзината мајка вели дека не било нејзина грешка, бидејќи смртта веднаш ја пријавила во надлежните служби и додава дека причината зошто пензијата се исплаќала е поврзана со бирократски процедури.

Треба да знаете
Последни објави