Search

Како коронавирусот се шири преку воздухот

Шпанскиот весник Ел Паис објавува истражување кое го проценува ризикот за зараза со коронавирусот во три ситуации

Здравствените власти препознаваат три вида на пренос на коронавирус: малите капки при зборување или кашлање, контаминирани површини и преку аеросоли

Од почетокот на пандемијата, голем број експерти секојдневно зборуваат за коронавирусот, за опасноста од болеста (ковид-19) која ја предизвикува и за ризикот од зараза. И покрај извесните разлики во нивните ставови, сите се согласни дека коронавирусот се шири низ воздухот, особено во затворените простори. Иако не е заразна како сипаниците, научниците сега отворено ја признаваат улогата што ја играат аеросолите – ситни заразни честички издишани од заразено лице, кои остануваат суспендирани во воздухот во затворено. Како се случува преносот и уште поважно, како можеме да го спречиме тоа?

Шпанскиот весник Ел Паис направи истражување за веројатноста од зараза во три секојдневни ситуации, каде што се земаат предвид три веројатни сценарија – да нема заштита, да се користи заштита и времетраењето на изложеноста на заразата.

Во сите случаи се работи за настани во кои учествувале волонтери.

Домашни собири

Првата ситуација е домашен собир. Шест лица се собираат во приватен дом, од кои едниот е заразен. Околу 31% од епидемиите на коронавирус регистрирани во Шпанија се предизвикани од овој вид собир, главно помеѓу семејството и пријателите.

При првото сценарио, без оглед на тоа дали се одржуваат безбедни растојанија, ако шест лица поминат четири часа заедно зборувајќи гласно, без да носат маска на лице во просторија без вентилација, според научниот модел објаснет во методологијата, петмина ќе се заразат.

Ако носат маски за лице, четири лица се изложени на ризик од инфекција. Само маските нема да спречат инфекција доколку изложувањето трае подолго време.

Ризикот од инфекција се спушта под еден, кога сите во групата користат маски за лице, се скратува времетраењето на собирот за половина и просторот се проветрува.

Бар или ресторан

Баровите и рестораните се сметаат за места каде секоја зараза многу полесно се шири. Дури постојат статистики кои велат дека секоја епидемија во ноќен клуб инфицира во просек по 27 лица, во споредба со само шест на семејни собири. За една таква ситуација пишуваа и шпанските медиуми, кога во Кордоба 73 лица биле позитивни на тестирање по само една ноќ помината во клубот. Научниците неодамна објавија и за уште еден случај во еден бар во Виетнам, каде што 12 лица се заразиле со вирусот во една ноќ.

Во студијата на Ел Паис, се работи за бар со капацитет намален за 50 отсто. Внатре имало 15 гости и тројца членови на персоналот. Прозорците се затворени и нема механичка вентилација.

Во најлошото сценарио, доколку не се преземат заштитни мерки, 14 од клиентите ќе бидат заразени по четири часа престој во барот.

Ако се користат маски, ризикот од инфекција се намалува на осум заразени.

Ако просторијата се вентилира, што може да се направи со добар климатизер, а времето поминато во барот се скрат, постои ризик дека само едно лице ќе се зарази.

Училишта

Училиштата како средини како се шири заразата на коронавирус учествват со само 6 отсто во вкупниот број заразени во Шпанија. Динамиката на пренесување преку аеросоли во училницата се менува во зависност од тоа дали заразеното лице ученик или наставник. Наставниците зборуваат далеку повеќе од учениците , многу погласно за да бидат слушнати, што го мултиплицира бројот на потенцијално заразни честички. За споредба, заразениот ученик ќе зборува само повремено. Според упатствата на Шпанскиот национален совет за истражување (CSIC), шпанската Влада препорача училниците да се проветруваат – иако тоа може да предизвика непријатност во постудените месеци – или да се користат вентилациони системи.

Сценариото што се истражува во овој случај е со 24 ученици и заразен наставник.

Најризично сценарио е училница без вентилација и наставникот да е заразеното лице.

Ако децата два часа поминале во училница со заразен наставник, без да се преземат мерки за заштита, постои ризик до 12 ученици да се заразат.

Ако сите носат маска за лице, бројот на оние кои би се заразиле паѓа на пет. Во реални епидемии, забележано е дека секој од учениците може да се зарази без оглед на нивната близина со наставникот, бидејќи аеросолите се дистрибуираат по случаен избор околу просторијата без вентилација.

Ако просторијата е проветрувана за време на предавањата, било со свеж воздух или механички, и часот е намален, ризикот драматично опаѓа.

Улогата на аеросолите во преносот на заразата

Во моментов, здравствените власти препознаваат три вида на пренос на коронавирус: малите капки при зборување или кашлање, кои можат да завршат во очите, устата или носот на луѓето што стојат во близина; контаминирани површини, иако Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) посочуваат дека ова е најмалку веројатен начин за зараза, и пренос преку аеросоли – вдишување на невидливи заразни честички издишани од заразено лице, кои се пренесуваат како при пушење. Без вентилација, аеросолите остануваат суспендирани во воздухот и стануваат сè погусти како што одминува времето.

Што се аеросоли

Станува збор за респираторни капки со дијаметар помал од 100 микрометри кои можат да останат суспендирани во воздухот со часови.

Што се капки

Тоа се честички поголеми од 300 микрометри и, поради струјата на воздухот, паѓаат на земјата за неколку секунди. Од една капка се испуштаат 1 200 аеросоли.

Дишење, зборување и викање

На почетокот на пандемијата се веруваше дека големите капки што ги исфрламе кога кашламе или киваме се главниот начин на пренос. Но, сега знаеме дека викањето и пеењето во затворени, слабо проветрени простори на подолг временски период, исто така, го зголемува ризикот од зараза. Ова е затоа што гласното зборување ослободува 50 пати повеќе честички со вируси отколку кога молчиме. Овие аеросоли, ако не се дифузираат преку вентилација, стануваат сè повеќе концентрирани, што го зголемува ризикот од инфекција.

Како се пренесува

Научниците покажаа дека овие честички – кои исто така ги испуштаме во атмосферата при едноставно дишење и кои можат да „избегаат“ при неправилно носење на маски за лице – можат да заразат луѓе кои поминуваат повеќе од неколку минути во радиус од пет метри од заразено лице, во зависност од должината на времето и начинот на комуникација.

Проценката за пренос на коронавирусот преку воздух која ја опишува Ел Паис е развиена од група научници предводена од професорот Хозе Луис Хименез од Универзитетот во Колорадо. Целта на оваа алатка е да се истакне важноста на мерките за заштита кои го попречуваат пренесувањето на аеросолите.

Оваа проценка ниту ги опфаќа сите безброј варијабли што можат да влијаат на преносот, но служи за да илустрира како ризикот од зараза може да се намали со промена на условите врз коишто имаме контрола.

Трите различни сценарија се засноваат на студии за тоа како се случува преносот преку аеросоли, користејќи вистински епидемии детално анализирани. Многу релевантен случај за да е разбере динамиката на преносот во затворените простории била проба на хор во државата Вашингтон, во САД, во март. Само 61 од 120 члена на хорот присуствувале на пробата и биле направени напори за одржување на безбедно растојание и хигиенски мерки. Но, тие не носеле ни маски, немало вентилација, пееле и биле во просторот подолг период. Со тоа, едно заразено лице го пренело вирусот на 53 лица во период од два и пол часа. Некои од заразените биле на оддалеченост од 14 метри, па преносото би се објаснил само со аеросолите. Двајца од заразените починале.

Треба да знаете
Последни објави