Search

Иран одговори на Америка со напад на бази во Ирак, убиени најмалку 80 лица

Иран испука балистички ракети на две бази во Ирак со американски војници, а Иранската револуционерна гарда, која ја презеде одговорноста за нападот, посочи дека нападите врз базите се „одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани”.

Иранската државна телевизија објави дека во нападите врз двете бази во Ирак, Ирбил и Ајс ел Асад, се убиени најмалку 80 „американски терористи”.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф посочи дека Иран презел пропорционални мерки во самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН и врз основа на тоа од каде е извршен „кукавичкиот напад” против иранските државјани.

– Не сакаме ескалација или војна, но ќе се браниме од агресија, напиша Зариф на Твитер.

Пред да се соопштат податоците за евентуални жртви, се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, која напиша на Твитер дека ракетите се лансирани од Иран на две воени бази во Ирак.

– Во тек е проценка на штети и жртви. Засега се е добро. Ја имаме најмоќната и најопремената војска на светот, напиша претходно Трамп и најави скоро обраќање.

Иран, како што наведе Би-Би-Си, соопшти дека нападот е одмазда за убиството на генералот Сулејмани.

– Сега кога ја сфатија нашата моќ време е САД да ги повлечат своите сили од Блискиот исток, рече началникот на Генералштабот на иранската војска Мохамед Бакери.

Треба да знаете
Последни објави