Search

И со нецелосно функционални институции покажавме дека може да најдеме решенија за трансформација на економијата, порача Заев

Точно пред три години јас и Владата предводена од СДСМ ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, да работиме за доброто на сите, да ја извадиме земјата од кал и да ја поведеме напред. Денеска стојам пред вас со крената глава, со чист образ и гордо можам да кажам дека успеавме и дека довербата и натаму ќе ја оправдуваме. Остваривме две од најважните стратешки цели. Она што со на моменти изгледаше дури и невозможно, ние сме 30-та земја членка на НАТО и имаме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Испишавме историја.

Ова го истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев кој денеска на прес – конференција реферираше за постигнувањата на Владата, која тој ја предводеше до пред неколку месеци, по што се повлече заради формирањето на техничката Влада и распишувањето на предвремените избори.

-Од заробена држава денеска сме најпозитивниот пример во регионот. Ја обезбедивме сигурната иднина на граѓаните. Ја вративме слободата и демократијата. Во време на режимот се шепотеше, денес гласно се зборува. Од -1,8 проценти пад на економијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ обезбедивме раст на БДП од +3,6 проценти. За 2,5 години бројот на вработени граѓани го зголемивме за над 67.000 нововработени, а стапката на невработеност ја намаливме за шест проценти, истакна лидерот на СДСМ.

Заев на прес-конференцијата рече дека Владата предводена од СДСМ значително ги зголеми нето платите и пензиите, стапката на БДП од -1,8 проценти ја крена во позитива, а во 2019 постигнат е раст од 3,6 проценти, обезбедени се над милијарда евра странски инвестиции, стабилизиран е долгот, девизните резерви се зголемени за над 800 милиони евра. Со законски измени обесштетени се, рече, и 12.000 стечајци.

-Вистинските економски политики придонесоа економијата подготвено на нозе да ја дочека глобалната пандемија со коронавирусот. Можете ли да замислите како ќе изгледаше справувањето со КОВИД ако денес ВМРО-ДПМНЕ беше на власт со минимална плата од 9.000 денари или како ќе им беше на илјадници стечајци за кои обезбедивме трајно решение, а кои Груевски ги игнорираше цела деценија. Не е тешко да се замисли како ќе функционираше државата во услови на КОВИД 19 ако ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Веројатно сите институции ќе беа под палката на различни, неодговорни и незрели функционери слични на Наќе Чулев, рече лидерот на СДСМ.

Во делот на правосудството укажа на спроведените реформи кои рече имаат за цел отворање простор за независна професионална работа на правосудството, на напредокок во реформата на безбедносните служби, како и на реформата на јавната администрација. Време е, рече, и „за целосно прочистување на судството за да се остави простор на чесните и професионалните судии и обвинители, да обезбедиме правда за сите и тоа ќе го направиме”.

Во здравството посочи на значањето на вложувањата во здравството, како што е зголемувањето на платите на медицинските лица, воведените нови лекови и подобрените услови за работа, особено сега кога се соочуваме со пандемијата на коронавирусот.

Заев ја критикуваше опозицијата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хрстијан Мицкоски, кого го обвини за поткопување на чекорите за влез во НАТО и за ЕУ, а сега, како што рече, се обидува тоа да го направи со справувањето со Ковид – 19.

-За жал, како што Мицкоски се обидуваше да ги поткопа напорите да зачекориме на сигурен и стабилен пат кон ЕУ и НАТО така сега се обидува да ги поткопува здравствените напори за борба против пандемијата, како и довербата на граѓаните во здравствениот систем. Наместо конструктивна критика од страна на опозицијата во овие три години бевме и се уште сме сведоци на црни кампањи со лажни вести, дезинформации, клевети и инсинуации. Згора на се министерот за внатрешни работи Наќе Чулев дозволи непочитување на мерките и препораките и го загрози здравјето на граѓаните. Овие денови ги гледаме последиците од оваа неодговорност, имаме нов број заразени од вирусот. Но, здравствените институции имаат капацитет и ќе се справат со оваа ситуација. Многу е важно да разбереме дека вирусот е тука и затоа сите мора да ги почитуваме мерките за заштита, рече Заев.

Според него, сите ние сме исправени пред предизвикот за справување со последиците од глобалната пандемија на коронавирусот, а Владата покажа дека и во комплицирана состојба со нецелосно функционални институции може да го заштитиме здравјето на граѓаните и да најде решенија за трансформација на економијата и зголемена помош за сите категории граѓани.

-Но, за да продолжиме уште поефикасно, за да можеме да го заштитиме здравјето на граѓаните уште попосветено потребни се целосно функционални и капацитетни институции. Наш приоритет е здравјето на граѓаните и нивната живејачка. Продолжуваме со реализација на мерките и проектите што носат подобар живот за сите наши граѓани. Тоа е наш приоритет од кој не отстапуваме. За овие три години ја извадивме земјата на прав пат, а денес знаеме дека заедно со граѓаните можеме уште повеќе и уште подобро, порача Заев.

Треба да знаете
Последни објави