Search

Заев-Лајчак: Северна Македонија е пример дека процесот на проширување на ЕУ е жив и напредува

Претседателот на Владата Зоран Заев се сретна со претседавач на ОБСЕ и вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Словачка, Мирослав Лајчак, кој со делегација престојува во дводневна официјална посета на земјава.

Заев и Лајчак изразија заедничко задоволство од пријателските односи меѓу двете земји, со тенденција за понатамошно унапредување, а особено беше истакната поддршката која Северна Македонија ја има од Република Словачка за нејзините интеграциски процеси во НАТО и Европската Унија. Позитивно беше оценета соработката со институциите на ОБСЕ, во насока на постигнување на европските стандарди во заштита и промовирањето на националните малцинства, изборните стандарди, во прашања поврзани со јакнењето на слободата на медиумите.

„Работиме напорно на реформите и на одржување пријателски односи со соседите, обезбедивме безбедност и стабилност во земјата, водејќи се од европските вредности како владеењето на правото, инклузивен процес за носење на законите, независно судство. Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко, дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните. Ние бараме шанса, којашто искрено веруваме дека ја заслуживме, а тоа е, оваа година да ги започнеме преговорите за членство во Европската Унија”, рече премиерот Заев.

Лајчак истакна дека словачката поддршка за отворањето на преговорите е јасна и продолжува. Според него, Северна Македонија го направи невозможното, го реши повеќедеценискиот спор со Грција и сега треба да биде овозможено добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ. Истовремено, упати честитки до Владата за посветеноста и храброста при преземањето на сите чекори.

Лајчак оцени дека Северна Македонија е пример, преку кој се покажува дека процесот на проширувањето на ЕУ е жив и напредува.

Лајчак и Заев заклучија дека Договорот од Преспа е фокусиран на иднината, а не на минатото и дека тоа е добар пример како треба да се решаваат проблемите меѓу соседите во регионот и пошироко.

Треба да знаете
Последни објави