Search

Заев во Чегране: Правиот пат ќе не однесе во Европа, а Европа ќе ни ја донесе дома

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев заедно со претседателот на комисијата за здравство на СДСМ и министер за здравство, Венко Филипче и директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, синоќа беа во посета на гостиварското село Чегране со цел на жителите да им ги престават приоритетите за новиот мандат по изборите на 12 април.

„Најважна цел на нашата политика е земјата да стане подобро место за живеење за сите. И во тој дух е сè што правиме – и носењето тешки одлуки, и целиот наш труд и посветеност – сето тоа е за да добиеме резултати кои ќе ги почувствува секој, без оглед на етничката припадност или политичката, и која било друга определба. Заедничка цел е да имаме богата и економски силна држава. Тоа ќе значи и поголем број работни места, но ќе значи и задржување на младите тука”- посочи Заев пред граѓаните.

Жителите на Чегране со нетрпение очекуваат државата да стане членка на НАТО и на ЕУ за да им пораснат надежите и очекувањата дека земјата е на прав пат. Затоа Заев ги увери дека со полноправното членство во НАТО стануваме побезбедни, посигурни и поповолни за инвестиции.

„Европската иднина е цел на која остануваме доследни, без оглед на тешкотиите кои се испречуваат на патот, затоа што со таа цел пред нас, имаме силен поттик и патоказ како да направиме сеопфатни и квалитетни промени со кои и фактички ќе станеме дел од развиениот свет. Правиот пат ќе не однесе во Европа, ама и Европа ќе ни ја донесе дома”- истакна Заев.

Граѓаните се пожалија за нарушената безбедност и здравје поради експлоатација на минерални суровини во околината на селото. СДСМ застанува на страна на народот и затоа во собраниска процедура се пуштени измените на Законот за минерални суровини со кои се овозможува раскинување на договор со концесионер поради нарушување на јавниот интерес. Очекувањата се дека овие измени ќе поминат брзо затоа што ништо не е поважно од здравјето на децата.

Способноста на државата и функционалноста на институциите подразбира и владеење на правото и воспоставување систем на вредности со почитување на човековите права на секој поединец.

„Правната држава мора да функционира за да можеме да обезбедиме фер судски процеси и независен судски систем. Такви примери се случаите Сопот и Монструм. Јавноста знае дека досието за Сопот е решено и дека погрешно обвинетите се парично обесштетени од државата за местенката што им ја приреди режимот на ВМРО ДПМНЕ, додека во предметот Монструм обвинетите веќе не се во притвор и судењето започна од почеток, со цел да им се даде можност на обвинетите да го искористат правото на еднаквост во процесот- аргументираше претседателот на СДСМ.

Во партијата остануваме доследни на концептот Едно општество, затоа што само заедно можеме да просперираме и затоа што богатството на нашата земја е во разликите, а тоа го препознаваат и сограѓаните Албанци.

„Мора да се стремиме да бидеме еднакви во општеството и државата. Еднакви пред институциите, еднакви пред законот. Дискриминацијата не носи ништо добро, освен насилство, поделби, незадоволство, конфликти. Кога станува збор за посебните права на некоја етничка заедница, не смееме да дозволиме да ни се повторуваат омразата и препукувањата. Законот за употреба на јазици не е прашање кое треба повторно да ја дели државата, туку треба да го решиме на начин кој ќе биде корисен за граѓаните. Да биде применлив, а не само да биде букви на хартија. Како што се реални проблемите, така да се реални и остварливи решенијата. Да не потпаѓаме под хушкачките и деструктивни изјави, на кој било политичар, без оглед дали е Албанец или Македонец. Јас длабоко верувам дека нема политички проблем кој не може да се реши со разговор, договор, со човечки пристап- заклучи Заев пред жителите на Чегране.

Треба да знаете
Последни објави