Search

Жбогар ги повика партиите да го донесат Законот за јавно обвинителство

Брисел уште еднаш го повика Собранието да го усвои Законот за јавното обвинителство пред неговото очекувано распуштање во февруари. Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, рече дека Скопје не треба да стои настрана и да чека почеток на преговорите, а ги критикуваше партиите за предвремен почеток на изборната кампања.

„Ќе споменам три прашања кои се надеваме дека ќе ги унапредиме: Прво е Законот за јавното обвинителство, второ е Изборниот законик и трето, исто така се надеваме дека доаѓањето на европратениците на крајот на неделава и следната сесија на Дијалог Жан Моне ќе донесе договор околу правилата за постапката, за што неколку пати се дискутираше“-рече Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

И вицепремиерот Бујар Османи ја истакна потребата да се донесат важните закони за ЕУ и НАТО.

„Да направиме дополнителен напор и да се фокусираме на владеењето на правото и да усвоиме широко прифатени закон за јавно обвинителство, закон за Академија на судии и јавни обвинители и да завршиме со постапката за преостанатите именувања во Националниот совет за радиодифузија и изборот на Комисијата за спречување од дискриминација”-Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ рече дека проблемот не лежи во донесувањето, туку во спроведувањето на законите. Дополнително, Милошоски го обвини Жбогар за непринципиелно однесување на Брисел.

Хрватскиот амбасадор ја претстави програмата на Хрватското претседателство со ЕУ и истакна дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е еден од главните приоритети. Но, Милошоски и на тоа одговори дека не треба да се даваат лажни надежи бидејќи членство во ЕУ е ветено уште на Самитот во Солун, пред 16 години.

“Кога станува збор за Северна Македонија, нашиот став е јасен: грешката од минатиот октомври треба да се корегира во наредниот период и треба да започнат преговорите за пристапување меѓу Северна Македонија и ЕУ”-рече Нивес Тигањ, амбасадор на Хрватска.

На денешната дебата беше споменат и извештајот на Транспаренси Интернешнл според кој Македонија уназадува во борбата против корупцијата и падна за 13 места на глобалната листа.

Извор: Alsat.mk

Треба да знаете
Последни објави