Search

Еурофарм Пелистер ја испушти победата на гостувањето кај Спортинг

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа само 27:27 на гостувањето кај Спортинг Лисабон во петтото коло од Лигата на Европа, иако победата ја имаа во своите раце.

Битолчани во последната минута влегоа со предност од еден гол и напад, но грешката ги чинеше победа, и искачување на првото место на табелата во групата Д.

Битолскиот тим доминираше речиси во текот на целиот меч и чудо е како не успеа да стигне до целиот плен.

Спортинг единственото водство на натпреварот го имаше на почетокот од мечот, 1-0, а потоа се беше во знакот на Пелистер. На одморот се замина со водство на македонскиот тим од 16-14.

Во второто полувреме Еурофарм Пелистер на двапати водеше и со четири гола разлика, но финишот беше лош. Во последната минута битолчани имаа напад при водство од еден разлика со играч помалку, и тргнаа без голман. Тоа се покажа како грешка, Спортинг ја одзема топката и погоди на празниот гол за израмнување 27-27. Останаа уште десетина секунди за напад, но Пелистер не ги искористи.

Табоада со седум гола беше најефикасен во составот на Еурофарм Пелистер, Мандалиниќ постигна пет, Божи-Павлетиќ имаше четири од четири. Секељ мечот го заврши со осум интервенции.

По пет кола, Е. Пелистер е трет на табелата со шест бода, додека Спортинг и Ним се на челната позиција со еден бод повеќе.

Треба да знаете
Последни објави