Search

Енвер Малиќи прогласен за почесен конзул на Мексико

Во Скопје е отворен почесен конзулат на Мексико, а за почесен конзул е прогласен Енвер Малиќи.

Почесниот конзулат ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области. Свеченото отворање на почесниот конзулат го предводеше амбасадорот на Соединетите мексикански држави, Марко Антонио Гарсија Бланко.

„Отворањето на почесниот конзулат е чекор напред во билатералните односи меѓу Мексико и Северна Македонија кои на 4 октомври ќе ја одбележат 18-годишнината од воспоставувањето. Односите меѓу двете држави и досега беа пријателски, но отсега соработката и заедничките активности ќе се продлабочат во интерес на двата народи. Со поддршка на Енвер Малиќи како почесен конзул, убеден сум дека ќе се развијат нови области на соработка и разбирање за да се прошират и зајакнат билатералните односи со плодни резултати за обете страни,“ истакна амбасадорот Гарсија Бланко.

„Иако географски далечни, нашите земји споделуваат многу заеднички нешта. Почитта кон традицијата, силниот темперамент и борбата за човекови права и достоинство нè обединуваат. Мексиканското и македонското искуство е одлична основа за соработка и поголема размена на идеи што ќе ги зајакнат односите меѓу двата народа. Интензивирањето на соработката во различни сфери ќе биде еден од моите приоритети како почесен конзул, овде во Северна Македонија, но и во Соединетите мексикански држави. Современите трендови во различни области на општественото живеење и бизнисот во двете држави можат заеднички да придонесат за подобри позиции во меѓународните односи и да промовираат развој и напредок“, истакна Малиќи.

Почесниот конзулат се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот.

Треба да знаете
Последни објави