Search

ЕК сериозно ги сфаќа наводите за злоставување на бегалци во БиХ

Во писмен одговор до МИА, портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич истакнува дека нејзината институција е запознаена со информациите дека бегалци се држеле во кафези во Босна и Херцеговина и оти сериозно се сфаќаат и следат овие наводи, јави дописничката на МИА од Брисел.

Откако пред два дена на интернет осамнаа видео снимки од бегалци затворени во кафези во прифатен центар во БиХ, реновиран со ЕУ фондови, Европската Комисија тврди дека е во контакт со босанските власти.

Центарот каде се снимени мигрантите се наоѓа на граничниот премин Клобук во близина на Црна Гора, но ЕК уверува дека во 2011 година, кога се доделени европските фондови за обнова на центарот, немало такви кафези.

– Инсталации како овие кои се прикажани во видеото се разбира не беа дел од проектот, ниту пак се финансирани вакви инсталации, истакнува Коцијанчич за МИА.

Босанските власти веднаш се оградија од наводите на невладината организација „Ар ју сириус” (Are you syrious), која ги објави снимките и уверуваат дека мигрантите во нивната земја не се жртви на нечовечки третман.

Сепак, ЕК од блиску го набљудува случајот, истакна Коцијанчич.

– Во контакт сме во моментов со властите во БиХ кои се одговорни за овие простории, очекуваме од нив да ги почитуваат меѓународните и ЕУ стандардите, секој навод за злоставување на мигранти и бегалци се сфаќа многу сериозна, вели портпаролката.

Со оглед на тоа дека местото е финансирано делумно со пари на европските обврзници, ЕК потсетува дека отчетноста останува нивен приоритет и дека доколку биде утврдено дека биле нарушени човековите права, ЕУ ќе ја разгледа својата финансиска поддршка во случајов.

Коцијанчич потсетува дека ЕУ го поддржува регионот на Западниот Балкан за управувањето со мигрантите и бегалците во соработка со ОН, со локалните власти и невладините организации за да се одговори на најитните хуманитарни потреби на луѓето кои пристигнуваат и на најранливите категории бегалци, додаде Коцијанчич.

БиХ се најде на мигрантската рута откако беше затворена таа што минува низ Македонија.

Треба да знаете
Последни објави