Search

Две лица од Дебар осомничени за разбојништво во казино

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека како соизвршители на 15.04.2019 година одзеле околу 500.000 денари од казино во Дебар. Притоа, еден од осомничените маскиран и вооружен со пиштол влегол во казиното преку помошна врата, им се заканил на вработените и ги одзел парите од дневниот промет. Другиот осомничен, инаку вработен во казиното како управител, ги дал сите информации за дневниот промет, со автомобил го превезол до казиното и го чекал првиот осомничен да го изврши разбојништвото, по што двајцата заедно го напуштиле местото.

Осомничените биле идентификувани преку обезбедените снимки од видео надзорот на казиното и на околните објекти. Едното лице е лишено од слобода, додека по другото се трага.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка му предложи да определи мерка притвор за двајцата осомничени, која за лицето лишено од слобода би била ефективна веднаш, додека за неговиот соизвршител би се спровела по неговото лишување од слобода.

Треба да знаете
Последни објави