Search

Грожан мина низ пекол: Се сетив на Ники Лауда, моите деца и си реков – не смее вака да заврши!

Возачот на Хаас, Роман Грожан, ја испрати првата порака од болница уште вечерта во неделата по страшниот инцидент што го имаше во Бахреин, а само два дена по неверојатните сцени на кои сведочеа и од кои се ужаснаа сите Ф1 фанови, францускиот пилот го одработи и првото интервју за еден домашен медиум.

Роман е голем херој во очите на цела јавност, која се уште е во неверување за чудото со среќен крај, кое се случи на патеката Сакир, а во разговорот кој ексклузивно го обезбеди „ТФ1“, возачот на Хаас открива дека во моментите на агонија, се потсетил и на страшниот инцидент кој во минатото го имаше Ники Лауда.

– За мене тоа беа многу повеќе од 28 секунди, изгледаа многу повеќе. Гледав како мојот визир од кацигата станува портокалов, го гледав пламенот од левата страна на едната половина од болидот. Ми се свртеа во секунда многу работи, вклучувајќи го и инцидентот на Ники Лауда. Си помислив дека не можам да завршам така, не сега. Не можев да ја завршам мојата приказна во Формула 1 на таков начин.

Грожан го сподели своето лично искуство од нестварните случувања кои ќе ги памети до крајот на својот живот, бидејќи во моменти кога беше „заглавен“ во пламен и во страшна огнена стихија, тој успеа да пронајде сила и огромна храброст за да излезе од распарчениот болид и да се спаси од сигурна смрт.

– Успеав да се приберам и си реков на себеси дека мора да излезам од таму поради моите деца. Ги турнав моите раце во оганот и јасно ја почувствува жештината и горењето на шасијата. Излегов и потоа почувствував како некој ме повлекува, знаев дека веќе сум надвор. Бев повеќе исплашен за моето семејство и пријателите, особено за моите деца кои се моја најголема гордост и извор за енергија. Ова е најголемиот инциднет кој сум го видел во мојот живот, болидот експлодираше, – додава Французинот кој се надева дека ќе вози на последната трка во Абу Даби која ќе биде последна за него во тимот на Хас.

И покрај се, тој веќе размислува за враќање во седиштето, но не на овонеделната трка за ГН Сакир, туку на онаа планирана за 13 декември во Абу Даби.

– Имам психолошка работа пред себе, бидејќи навистина гледав како смртта доаѓа. Среќен сум што чувствувам дека сум жив, што ги гледам работите на поинаков начин. Сепак, постои желба да се вратам во болидот, ако е можно да го направам тоа во Абу Даби, да ја завршам мојата приказна во Формула 1 на поинаков начин. Ова е како второ раѓање за мене, тоа што излегов од пламенот тој ден е нешто што го одбележува мојот живот. Не знам дали во светот постои чудо и дали може да се употреби тој збор, но ќе кажам дека не беше мое време да умрам таму, – завршува Грожан.

Треба да знаете
Последни објави