Search

Возачи на камиони блокираа улици низ цела Франција, судири со полицијата во Париз

Возачи на камиони денеска блокираа патишта во десетина региони низ Франција, изразувајќи на тој начин незадоволство од планираното намалување на даночните олеснувања за дизел горивото за патен превоз, додека сообраќајот на возовите и подземната железница и натаму е нарушен поради штрајкот за пензиската реформа.

Во Париз дојде до судири со полицијата на левиот брег од Сена бидејќи неколку стотици припадници на Жолтите елеци продолжија со своите неделни протести, но во споредба со претходните штрајкови, денеска се собраа релативно малку учесници зошто сообраќајниот штрајк го отежна нивното доаѓање во главниот француски град.

Притисокот од Жолтите елеци поради зголемените трошоци за живот и протестите на синдикатите во врска со пензиската реформа се најголемиот предизвик за претседателот Емануел Макрон и заложбите што тој ги прави за да се избалансира државниот буџет и да се воведе еколошки поприфатлива законска регулатива во втората половина на неговиот мандат.

Здружението „Отре“, се спротивставува на зголемувањето на даноците за дизелот за комерцијални возила, како дел од владиниот предлог-буџет за 2020 година.

Оваа организација се жали дека странските возачи на камиони дома можат да купат поевтино гориво, што им овозможува да бидат поефикасни во Франција.

Во нацрт-буџетот за 2020 година, владата планира постепено да ги намалува даночните олеснувања за горивата на товарните возила меѓу 1 јули 2020 година и 1 јануари 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави