Search

ВМРО-ДПМНЕ: Павле Богоевски да направи тест за дроги и да докаже дека не е зависник

Павле Богоевски нема веќе никаков кредибилитет да биде пратеник и да ги лаже граѓаните со некакви пријави, велат од ВМРО-ДПМНЕ, откако на руската мрежа „vk.com“ беше објавена аудио-снимка за која се тврди дека на неа се слуша гласот на Богоевски како нарачува кокаин.

„Постојат отворени сомневања дека Богоевски конзумира наркотици и дека е можно неговите изјави, настапи и одлуки да биле под дејство на опијати. Павле Богоевски треба да излезе и да каже дали е зависник од дрога или не е. Единствен начин да докаже спротивното е своеволно да направи тест за дроги и да ја увери јавноста дека е вистина тоа што го збори. Доколку Богоевски одбие или не го направи тестот за дроги истото ќе биде јасен показател дека е зависник од дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, неговиот одговор дека барал масло од канабис дури и да е вистинит, повторно значи дека Павле Богоевски сторил кривично дело.

„И да се работи за тешка дрога и да се работи за канабис, конзумацијата и трговијата со истото е кривично дело и по однос на случајот Јавното обвинителство треба да поднесе кривична  пријава за Богоевски. Признанието на Богоевски е како крадец да се брани дека не украл пари во продавница, туку дека украл некој автомобил. И едното и другото се кривично дело и ниту едното, ниту другото го амнестира од вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата очекуваат Зоран  Заев по, како што велат, директното признание од страна на Павле Богоевски дека извршил кривично дело да побара негова оставка, но и од Богоевски да покаже морална и политичка доблест и да даде директна оставка од функцијата пратеник.

Богоевски потврди дека снимката е автентична, но дека на истата не набавува кокаин туку масло од канабис.

Треба да знаете
Последни објави