Search

Брнабиќ: Приоритет е иницијативата мини Шенген и инфраструктурното поврзување на регионот

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на Инвестицискиот самит за Западен Балкан денеска во Лондон изјави дека регионот има големи можности кои треба многу подобро да се искористат, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што е објавено на веб-страницата на српската влада, Брнабиќ говорејќи на собирот организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на кој учествуваа премиери на шест економии во регионот, истакна дека иницијативата „мини Шенген” и инфраструктурното поврзување во регионот се приоритетни проекти за Србија.

Брнабиќ објасни дека таканаречениот „мини Шенген” се однесува на воспоставување на четири слободи на Западен Балкан – движење на стоки, услуги, капитал и луѓе.

Таа истакна дека Србија веќе работи на ова со Северна Македонија и Албанија, и изрази надеж дека и другите земји ќе се приклучат на иницијативата.

Како што оцени, оваа иницијатива најдобро придонесува регионот да се претстави како единствен и обединет пазар и место кое нуди поинаква иднина.

Српската премиерка истакна дека втора важна иницијатива е инфраструктурното поврзување, потсетувајќи дека минатата година е завршен Коридорот 10, како и дека продолжила изградбата на автопатот до Црна Гора и дека започнала изградбата на автопатот кон Сараево.

-Планираме до крајот на годинава да започнеме со изградбата на „автопатот на мирот”, Ниш-Приштина-Тирана-Драч, што најверојатно ќе биде финансиран од ЕБРД, кажа Брнабиќ, која порача дека Приштина треба да ги укине таксите за стоки од Србија и БиХ, бидејќи „треба да размислиме како да ја олесниме трговијата во регионот и да создадеме поволни услови за деловното опкружување.”

-Имаме многу потенцијали и мислам дека предноста е во тоа што ги водиме земјите и економиите во ерата на четвртата индустриска револуција, која предвидува специфични услови. Треба да размислиме што да правиме за да се зголеми квалитетот на животот. Ова е можност за сите нас, кажа Брнабиќ.

Таа истакна дека на политичко ниво постојат одредени предизвици кои треба да се решат, а што, како што кажа, произлегуваат од фактот дека европската перспектива останала малку изгубена откако Албанија и Северна Македонија не добија зелено светло за почнување на преговори за пристапување во ЕУ.

-Се надевам дека одлуката ќе се смени, бидејќи е важна не само за овие земји, туку и за целиот регион, изјави Брнабиќ, повикувајќи ги инвеститорите да се обратат со приватни иницијативи, со оглед на тоа, како што оцени, потребни се повеќе јавно-приватни партнерства.

Треба да знаете
Последни објави