Search

Бочварски за МИА: Да не дозволиме главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, туку кај архитектите, планерите и јавноста

 Повторно актуализирање и промени на предложениот закон за легализација на дивоградби што е во собраниска процедура низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни, најавува новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА.

– Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен. Во моментот кога Собранието ќе го актуализира  Министерството ќе биде подготвено да разговара со сите пратенички групи и сите заинтересирани страни секако на крајот на денот во оваа парламентарна демократија да се донесе закон којшто ќе го регулира делот на бесправо изградените објекти. Но, сè она што е изградено во заштитени зони на охридското крајбрежје и станбените згради со намена А2 нема да биде предмет на легализација со овој закон. Ова е една заштита за да се запрат таквиот тип злоупотреби. Законот е далеку порестриктивен од претходниот и има момент на казнивост од повеќе аспекти, вели Бочварски.

Аспектот на дивоградбите, укажува, не треба да се гледа единствено од оваа страна според законот за третман на бесправно изградени објекти, туку и со инспекцискиот надзор.

Министерот за транспорт потенцира дека со новиот Закон за урбанистичко планирање се регулираат состојбите за да не се дозволи, како што вели, главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, во министерствата или општините, туку онаму каде што  треба – кај архитектите и планерите, да помине и низ каналите на локалната самоуправа и јавноста.

Апелира секогаш да се внимава на законитоста бидејќи, укажува, многу често заглавените предмети имаат и одредени пропусти и проблеми што апсолутно не смееме да дозволиме да се случат.

– Објектите од втора категорија што во најголем дел се градат во државата се во ингеренции на општините, а за тие од прва категорија Министерството за транспорт и врски и овој аспект секако е многу  важен за мене за надградба на Министерството со капацитет и кадар бидејќи и тука недостасува квалитетен кадар за кој веќе разговарав и со службите и разговарам со луѓе кои се подготвени тука да дадат своја поддршка. Се работи за инженери и архитекти кои се подготвени да бидат од помош и да дадат свој придонес во Министерството, вели Бочварски.

Во интервјуто зборува и за реализацијата на капиталните проекти, ветува фокус на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, каде иако има работи на терен не е според посакуваната и планираната динамика со оглед на тоа што треба да се одобрат инфраструктурни проекти и да се работи на експропријација на земјиштето. Зборува и за плановите за откочување на изградбата на железничката делница Куманово – Бељаковце, а најавува и преселба во новиот објект на Министерството за транспорт откако ќе заврши техничкиот приемр, за што веќе е формиран тим од овој ресор.

Во продолжение во целост интервјуто со Бочварски:

Прифативте да ја замените градоначалничката со министерската функција токму во период кога повторно има превирања за дивоградбите, еднo од најгорливите прашања во државата зa кои статистиката покажува дека и покрај законското решение за легализација и неколкуте рокови ги има низ целата држава. Ќе има решение за овој проблем и еднаков третман за сите градби? 

– За урбанизацијата донесовме доста добар и квалитетен нов Закон за урбанистичко планирање, целосно искоординиран со сите инстистуции, ЗЕЛС, општините, коморите, а кој навистина дава шанса за регулација на просторот и конечно преку урбанизација да стигнеме до конечниот ефект – развој и хумано живеење во државата. Секоја средина, секој регион во државата има свои специфики. Скопскиот регион, метрополата, секогаш има поголем интерес од развој и урбанизација, но тоа треба да се прави внимателно. Со овој нов закон ќе создадеме тела што ќе ја контролираат изградбата и во нив ќе бидат вклучени невладини организации, граѓани, советнички групи и сите ќе имаат увид на идниот развој на градовите. Од друга страна, затекнуваме ситуација во којашто има голем број изградени објекти кои од различни причини не стасале да дојдат до правниот моделитет на својот објект и мора да се размислува како да се решаваат. Некогаш тоа се случувало поради пребавната урбанизација и низ сите овие процеси што се случувале во минатото луѓето барајќи можност и шанса за својата економија да прават развој на својата економија и на својот бизнис поведувале вакви постапки, поради што државата тука треба да ги гледа сите аспекти. Поднесен е закон уште од пред неколку месеци во Собранието и тој треба во наредниот период да се актуализира и да се разговара на оваа тема. Можам да потенцирам дека се работи за поквалитетен закон од претходниот со тоа што има момент на финансиска казнивост. Тоа е моментот како треба да почнеме процес на запирање на изградбата на ваквите објекти.

Со претходниот закон беше предвидена легализација на секаков тип објекти со цена на чинење за легализација од евро за квадратен метар, а со овој закон ќе се плаќаат 50 проценти повеќе од постоечките комуналии во општината каде што е објектот. Ако во Скопје имате општини каде што комуналиите се 100 евра за квадратен метар, со овој закон секој кој го прекршил на некој начин и не извадил градежно одобрение ќе плати 150 евра за тоа што претходно било едно евро. Сметам дека овој момент е важен за да се знае дека ова е една од можностите да го намалиме притисокот од ваква изградба, а од друга страна со Законот за урбанистичко планирање да придонесеме за регулација и да влеземе во едни помирни води во делот на урбанизацијата. За овој закон во наредниот период ќе дискутираме, а во овој период раговарав со ЗЕЛС, но и претходно кога бев член, дека има поддршка од градоначалниците.

Рековте повторно ќе го актуализирате поднесениот закон, ќе има ли промени и што ќе се преземе со постапувањето на терен за постојните дивоградби?  

– Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен. Во моментот кога Собранието ќе го актуализира  Министерството ќе биде подготвено да разговара со сите пратенички групи и сите заинтересирани страни секако на крајот на денот во оваа парламентарна демократија да се донесе закон којшто ќе го регулира делот на ваквите бесправо изградени објекти. Но, сè она што е изградено во заштитени зони на Охридското крајбрежје и станбените згради со намена А2 нема да бидат предмет на легализација со овој закон, со тоа што ќе запреме процес на надградби на станбени згради, целосни изградби на нови станбени згради. Ова е една заштита за да се запрат таквиот тип злоупотреби. Законот е далеку порестриктивен од претходниот и има момент на казнивост од повеќе аспекти.

Аспектот на дивоградбите не треба да се гледа единствено од оваа страна според законот за третман на бесправно изградени објкети, туку и од аспект на инспекцискиот надзор. Дали ќе имаме закон или одреден момент немаме таков закон доколку немаме силни инспекциски служби луѓето ќе изнаоѓаат начини и можности и ќе реализираат таков тип објекти и ќе градат бесправно. Токму поради ова сметам дека во наредниот период прашање број еден на кое треба да се фокусираме како општество е засилување на овие инспекциски служби, да ги зајакнеме капацитетите. Ова, пред сè, е прашање на општините и секако како Министерството и Владата со одредена законска регулатива да им дадеме шанса да приберат ваков тип кадар што ќе биде подготвен брзо и ефикасно да ги лови новите објекти што би почнале да се градат во иднина бесправно. Токму ова, според мене, е клучот како треба да се запре ширењето на изградбата на бесправно изградени објекти.

Дали примената на новиот Закон за урбанистичко планирање ќе ги промени ситуациите кога граѓани реагираат за неплански изградби на одредени локации, за уништување зелени површини… 

– Живееме во демократско општество во коешто треба да тежнееме кон моментот секој да си го каже своето мислење. Со Законот за урбанистичко планирање и новиот Правилник што треба да го потпишам во наредните денови правиме максимална регулација во овој дел и законски регулираме да има вклученост на што е можно повеќе засегнати страни при носење на деталните урбанистички планови или каков било урбанистички акт без притоа да се заобиколуваат граѓаните и да не бидат запознаени, па во моментите кога тоа ќе помине на Совет или почне да се гради тогаш да излегуваат и да го искажуваат својот револт. Поради ова, сите тие процеси, преку партиципативно тело, преку двојно гласање во советите на општините ќе биде уште една брана кон внимателност  при носењето на ваквите планови. Верувам дека како централна власт или како Министерство што ги носи законските регулативи со целосна вклученост на сите страни направивме сè во овој дел со Законот за урбанистичко планирање. Оттука натаму секако треба да ги следиме процесите и да повикаме на будност на јавноста, на граѓаните, да се вклучуваат во овие јавни процеси бидејќи просторот е најскапиот  ресурс што го имаме, мора внимателно да се регулира и да не дозволиме дивеење како во минатото и да не дозволиме главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, во министерствата или општините, туку токму онаму каде што треба – кај архитектите и планерите, секако да помине и низ каналите на локалната самоуправа и јавноста за конечно кога ќе се прифилтрира до крај да излезе како продукт кој ќе значи хумано живеење. Но, од друга страна треба да имаме предвид и дека мора да сметаме на иден развој да не правиме пресилни бариери, па да го спречиме развојот на државата. Токму поради тоа сметам дека направивме вистинско и добро законско решение.

Веќе подолг период има реакции од градежните комори за бавноста на постапките за издавање градежни дозволи. 

– Тука сум поради аспектот за забрзување одредени процеси, до пред извесно време бев градоначалник во општина во која не беше заглавен ниту еден предмет за одобрение за градење. Ќе ја скенирам целосно состојбата. Објектите од втора категорија се под надлежност на локалната самоуправа и апсолутно тука треба градоначалниците да бидат многу агилни со цел да бидат сериозна поддршка на инвеститорите, бргу да се издаваат нови градежни одобренија и да продолжат процесите на урбанизација со хуман пристап и запазување на сите регулативи.

Веќе двапати укажувате градоначалниците треба да… потребна ли е можеби законска интервенција во однос на нивните одговорности? 

– Доколку се прекрши одреден закон апсолутно секој треба да сноси одговорност и без оглед дали се работи за одреден функционер и службеник во институција на централно или на локално ниво секој треба да си ја сноси својата одговорност. Но, многу е важно и тоа што сите сме избрани на избори, граѓаните гласале и дале поддршка со цел да изберат луѓе кои ќе водат општини, министерства, институции, со цел да им го олесниме животот на граѓаните. Токму поради ова секој градоначалник и министер има свои одговорности и тие одговорности и обврски според законот треба да ги почитува. Убеден сум дека имаме капацитет, знаење и можност како општество да се придвижиме. Со голем дел од овие раководители на институции лично се познавам, ги знам нивните капацитети. Апелирам и секогаш да се внимава на законитоста бидејќи многу често заглавените предмети имаат и одредени пропусти и проблеми што апсолутно не смееме да дозволиме да се случат. Објектите од втора категорија што во најголем дел се градат во државата се во ингеренции на општините, а за тие од прва категорија Министерството за транспорт и врски и овој аспект секако е многу важен за мене за надградба на Министерството со капацитет и кадар бидејќи и тука недостига квалитетен кадар за кој веќе разговарав и со службите и разговарам со луѓе кои се подготвени тука да дадат своја поддршка. Се работи за инженери и архитекти кои се подготвени да бидат од помош и да дадат свој придонес во Министерството. Треба да се надградуваме и подобруваме за да бидеме побрзи и поефикасни во реализацијата на нашите предмети.

Што покажуваат состојбите за реалзацијата на капитални инвестици на Министерството за транспорт и врски? 

– Состојбите ги скенирам и не може да се даде генерална слика. Секој сектор и аспект на развојот на капиталните инвестиции во одредени проекти е различен со процентите на реализација. Во делот на изградбата на канализациските и водоводните системи имаме навистина добра реалзиација досега, работам и на почнување нови проекти кои во идните две недели треба да стартуваат со сериозни суми на чинење, дел преку програмите на Министерството, а дел преку кредитирањата што ги имаме. Во делот на станбената изградба сите средства кои ги има Министерството за годинава се потрошени и разговараме дали е потребно да се дополнат тука средства за до крајот на годината. Секако, гасификацијата оди во добра насока имаме неколку забелешки и застои коишто треба да ги отстраниме во наредните неколу недели и за кои веќе е формиран тим во Министерството којшто работи и наскоро и тој проект ќе подлжи. Кракот кон Битола е веќе реализиран со некаде 90 проценти и очекувам наскоро да биде и финализиран. Од друга страна, во делот на ремонтот на пруги имаме добра реализација кај железничката инфраструктура, но застојот се случува на пругата на Коридорот 8 на правата делница од Куманово до Бељаковце, каде со години има тешкотии во изградбата и има проблеми. Обезбедени се средства и за втората делница, а за третата делумно. Правата чини околу 40 милиони евра, втората 140 милиони, а третата 140 милиони евра од  Крива Паланка до границата со Бугарија. Се работи за големи проекти. Проблемите од првата делница прават застои и за останатите делници бидејќи треба тековно да се движат ко границата со Бугарија. Поради ова работиме на отстранување на сите забелешки и проблемите што се јавија со изведувачот и кој поднел писмо за раскинување на договорот уште пред да дојдам на ова позиција. Тука се вклучени уште неколку други ресори и намерата е да најдеме како проектот да продолжи и да имаме сериозна динамика и конечно да видиме добар прогрес. Пругата Битола – Кременица е веќе готова и се врши технички надзор на исправноста со стручни тимови од компанијата „Искра” и очекувам дека во наредниот период, можеби до Нова година, да успееме делницата од Битола до индустриската зона да биде пуштена во сообраќај, а потоа во меѓународна комуникација со Република Грција да се пушти во употреба и таа делница. Вложувањата во инфраструктурата враќаат сериозен импакт во економијата, едно евро вложено во патната инфаструктура враќа 3,5 евра во економијата, така што треба да направиме сè да продолжиме со инфраструктурниот развој. Изминатите години имавме добра реализација во делот на патиштата и ќе продлжиме со таква динамика.

Споменавте застој во делот на гасификацијата, за што станува збор? 

– Во делот на гасификацијата имаме неколку инфраструктурни проекти кои треба да бидат одобрени тука во Министерството за транспорт и врски за да продолжи изградбата на одредени точки во двата коридора – едниот е кракот кон Битола, а вториот е кракот кон Гостивар. Тоа е тековна работа за одредени изместувања и проблеми што се јавуваат на трасата. Секое изместување на трасата во даден момент значи и дека треба да се преработат инфраструктурните проекти. Тоа е нешто  на што се работи тековно и не гледам некој поголем застој што може да се случи. Верувам дека овој проект наскоро ќе биде привршен. Од друга страна, Министерството за економија работи на завршување на постапките за избор на изведувачи на секундарните мрежи низ градовите во државава бидејќи магистралите наскоро ќе бидат готови, но без да дојдеме до крајните потрошувачи магистралите нема да ни ја завршат работата за која се изградени. Очекувам успешно да заврши овој процес и да имаме инвеститор кој ќе влезе да ги гасифицира градовите, индустриските зони и во Скопје и во внатрешноста.

Од капиталните инфраструктурни проекти, што се случува со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, за летово се најавуваше пуштање на првите километри, но тоа не се случи. Што е причината и како се одвиваат работите на терен? 

– Кичево – Охрид е многу значајна автопатска делница на Коридорот 8 за којшто ќе имаме сериозен фокус заедно со Јавното претријатие за државни патишта (ЈПДП). Тоа е и повлекување напред на капиталните инвестиции со сериозен процент и динамика. Токму поради ова сум убеден дека ќе мора брзо да најдеме решенија. Се работи за објект кој почнал да се гради на некој начин од покривот, со лош и стар проект без притоа да има сериозни геомеханички истражувања по трасата. Почнал да се гради и во моментот кога изведувачите веќе ја пробиваат трасата почнуваат проблемите и почнуваат да се обрушуваат косините бидејќи не биле проектирани според сите прописи и нормативи. Притоа огромни количини земјена маса треба повторно да се  отстранат од трасата, да се репроектира, да се направат нови инфраструктурни проекти за проширување и за експропријација. Токму тука се сега сите застои на оваа автопатска делница. Знаете дека Собранието во минатото донесе уште еден анекс на Договорот преку кој се обезбедија средства конечно проектот да се изгради. Токму поради ова веднаш по одобрувањето на сите овие инфратсруктурни проекти и експропријацијата која теба да биде извршена очекувам силна динамика и завршување на овој проект. Не би можел да зборувам за рокови во овој момент, но можам да уверам дека ќе дадам сè од себе за автопатот да се заврши што е можно порано, но и да укажеме дека вакви сериозни капитални проекти во ниту еден случај во иднина не смеат да почнат со импровизации што во текот на изградбата ќе ни побара дополнителни средства од една страна, а од друга страна ќе ни направат застој во временските рокови.

Какви и уште колку инфрастрктурни проекти треба да се одобрат?

– Поради повторното проектирање на косините се јавува дополнително зафаќање на трасата и дополнителна експропријација. Во однос на тоа каква е геомеханиката на теренот се проектираат и косините. Токму поради ова, инфраструктурните проекти кои се овде во Министерството за транспорт и оние кои дополнитено ќе дојдат од проектантите треба да ги одобриме и според тие проекти да се направи дополнитена експропријација на земјиштето што се зафаќа и после тоа да продолжи изградбата на овие спорни точки на делницата.

Сега се работи ли на терен? 

– Има работа на терен, но тоа не е со таква динамика како што посакуваме и очекуваме.

Што со останатите најавени автопатски делници како Скопје – Блаце, Кичево – Гостивар… до каде се постапките? 

– За изградба на автопат се бара сериозно време, сериозни проекти. Токму поради сите овие претходни аспекти за кои зборував мора да бидеме крајно вимателни кога станува збор за автопатот Скопје – Блаце, таму за првиот дел од трасата, за првата делница, изведувачите веќе се воведени во работа, во тек се подготвитените работи и очекуваме да се почне со добра динамика реализацијата. Ги правиме сите претпостапки, проектирања и студии за автопатот од Коридорот 8 од Кичево до Гостивар и практично поврзувањето на Охрид – Кичево да продолжиме преку овие доста тешки терени што ги имаме. Ќе дадам сè од себе да дадеме максимум во изградбата на патиштата, да се фокусираме на тоа бидејќи тоа е развој и поголема безбедност. Инвестициите што ги гледавме во минатото можам да уверам дека ќе бидат целосно запрени во дел на изградба на какви било споменици, фасади, а од кои немаше никаков повратен бенефит кон граѓаните. Токму поради ова финансиите целосно ќе бидат насочени кон изградба на патната инфаструктура.

За дел од градежните стручњаци е изненадување што во програмата на Владата се најде изградба на автопат Велес – Прилеп – Битола, со оглед на тековната изградба на патот Прилеп – Градско…

– Сметаме дека треба да се направи сериозна анализа, студија и за исплатливост и секако за проектирање и за изведба на ваков автопат. Но, веќе работиме на проектирање на експресниот пат од Меџитлија до Битола, а се работи на проектна задача на Градежниот факултет за автопатско решение Прилеп – Битола каде што по првичните резултати и аспекти што ќе ги добиеме и натаму ќе продолжиме со проектирање на ваква автопатска делница во Пелагонискиот регион што е многу значаен. За цело ова време додека се прават нови постапки за овие две делници од Меџитлија до Битола и Прилеп од друга страна правиме напори да се одглави постоечката делница од Градско која се состои од три секции. Првиот дел е од Градско до Дреново, вториот е од Дреново до Фариш, третиот од Фариш до Прилеп, односно до Плетвар. И тука имаме застој, за едната делница веќе е распишан нов тендер бидејќи изведувачот таму ја напушти трасата, а за другата делница веќе исто така изведувачот се повлекува, но се преговара за преземање на делницата од страна на друга компанија. За нас е најважно овој пат конечно да се изгради бидејќи имаме сериозни  проблеми во комуникацијата во тој дел. Се работи за Коридорот 10 што е многу значаен и инфраструктурата што ја има државата е навистина во очајна и лоша состојба. Токму поради ова наскоро преку ЈПДП распишуваме тендер за изградба на трета лента до Плетвар секаде каде што ја нема, со што ќе имаме исто така подобар проток за транспорт. Кога ќе ја комплетираме делницата од Градско до Прилеп верувам дека ќе имаме добар напредок и од другата страна од Меџитлија до Прилеп и тогаш ќе имаме јасна слика во која насока ќе продолжиме со оваа автопатска делница или со патната инфраструктура во овој регион.

Едно од укажувањата на патните експерти со кои се консултиравме за анализа на владината програма беше дека рак-рана за нашите патишта е токму нивното одржување… 

– Сметам дека ова е навистина клучно прашање во патната инфраструктура. Доколку еден пат, без оглед дали автопат, магистрален или регионален пат, долги години не се реконструира потоа неговата рехабилитација може да чини многукратно повеќе од  редовното одржување. Владата во изминатите три години рехабилитираше над 800 километри патишта во државата, со што покажавме дека тоа е високо на агендата, така ќе продолжиме и  понатаму, но секогаш може повеќе и подобро да ги вложуваме средствата навремено во рехабилитација и одржување на патиштата за да не нè чини тоа многу повеќе.

Ќе има ли нова поддршка за транспортниот сектор, кој беше еден од најпогодените од пандемијата, а како резултат на која особено во меѓуградскиот превоз дојде до укинување или редуцирање на линиите што сега го отежнува патувањето на граѓаните? 

– Состојбата со ковид-кризата нè научи да ги гледаме работите од повеќе аспекти. Зададе сериозни проблеми во функционирањето секаде не само кај нас и видовме колку можеме да бидеме ранливи. Државата им даде сериозна поддршка на компаниите секаде каде што беше потребно, не по сектори, туку по тоа дали имаат намалување на приходите. Беа запрени добар дел од линиите исто таа а барање на самите превозници, бидејќи немаа никаква исплатливост да се движат, бидејќи во тој период немаше никаков проток. Во наредниот период повторно ќе бидат распишани овие линии, ќе има повик, со цел повторно да се воспостават лините, секако согласно препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, но животот мора да продолжи, економијата да продолжи да се движи и да се приспособиме на ваквите услови. Во наредните денови ќе имам средба со транспортните здруженија, ќе ги слушнеме нивните мислења и ќе дадеме максимално поддршка според она што е можно од страна на Владата и што може да го издржи буџетот. Тоа е движечката сила на економијата и ќе дадеме сè од себе да помогнеме. Министерството е отворено за соработка.

Како нов министер ќе ги преселите ли вработените во новиот објект на Министерството за транспорт и врски што, иако е изграден, долги години не е во функција?

– Да, секако, тој објект е изграден. Веќе направивме тим кој ќе работи на технички прием во наредниот период и веднаш штом се направи како институција ќе се пресели таму со цел целото Министерство да биде во ист објект и да немаме дисперзирани служби во разни објекти, со што би имало подобра контрола и координација на  Министерството. Сегашниот објект што го користиме треба да ѝ припадне на друга институција што исто така бара свои простории, работиме на овој проблем и наскоро ќе го решиме.

Треба да знаете
Последни објави