Search

Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот кој го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.

Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и октуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.

„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби, или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организационата поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија, ја направил во 2009 година и како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.

Секој од обвинетите зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Обвинетите не чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.

Треба да знаете
Последни објави