Search

Ахмети: Нема да помогнеме да се урне Владата на Харадинај заради таксата кон Србија

Лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД) Шпенд Ахмети изјави дека неговата партија ја поддржува одлуката на Владата на Рамуш Хардинај за воведување такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и дека нема да и помогне на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) доколку се обиде да ја урне Владата поради воведената царина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на Фејсбук, Ахмети ги демантира информациите објавени во некои медиуми, дека е можно неговата партија, заедно со дургата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), да влезе во евентуална нова влада.

– За ЛДК не можам да тврдам ништо, но што се однесува до ПСД можам да потврдам дека немало ниту една средба или дискусија за оваа работа. Ние дадовме и продолжуваме да даваме поддршка на таксата. Им кажавме и на ЛДК и на ВВ (Самоопределување) дека нема да ѝ помогнеме на Српската листа да ја урне Владата поради таксата. Сега и кажуваме и на ПДК дека со наша помош нема да ја загрозат ниту да ја уценуваат ААК (Алијансата за иднината на Косово на Харадинај) – како притисок за укинување на таксата, напиша Ахмети.

Тој се залага за единствен став на албанските политички субјекти во Косово, со цел, како што вели, „заедно да се справат и со притисоците и со критиките”.

– Таксата е исправна и е прва одлука по сите напади кои ги врши Србија против нас. Ние сме заинтересирани за дијалог со Србија врз основа на платформата која ја усвоивме, но Владата има право да носи одлуки со кои ќе ја штити нашата држава, вели Ахмети.

Социјалдемократската партија, во која минатата година преминаа 12 пратеници од ВВ по расколот во партијата на Албин Курти, не е дел од владејачката коалиција, меѓутоа поддржа неколку закони во Собранието, меѓу кои оној за Буџетот за 2019 година и за формирањето државен тим за преговори со Србија.

Треба да знаете
Последни објави