Search

Амнести: Принудени сме да ја прекинеме работата во Индија поради репресија

Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести Интернешнл (АИ) денеска соопшти дека е принудена да ја прекине својата работа во Индија поради репресија од индиската Влада.

Амнести ја обвини индиската Влада дека почнала „лов на вештерки” против организациите за човекови права.

Организацијата информира дека нејзините банкарски сметки биле замрзнати и оти била принудена да отпушта персонал во земјата и да ги прекине сите свои кампањи и истражувања.

Владата на Индија допрва треба да одговори на наводите на организацијата за заштита на човековите права.

– Ние се соочуваме со прилично невидена ситуација во Индија. Амнести Интернешнл Индија се соочува со силни напади, малтретирања и вознемирувања од страна на владата на многу систематски начин, изјави за Би-Би-Си Раџат Хосла, директор на АИ Индија.

Според него, сè се сведува на почитување на човековите права на кои работеле и Влада која не сака да одговори на прашањата што ги поставиле, без разлика дали се работи за истрагата за немирите во Њу Делхи или замолчување на гласовите во Џаму и Кашмир.

Амнести претходно ја прекина својата работа во Индија во 2009 година, бидејќи не и беше дозволено да добива средства од странство.

Треба да знаете
Последни објави