Search

Албански доктори и медицински сестри казнети во Италија зошто славеле дека се враќаат дома

Италијанската полиција во градот Бреша казни доктори и медицински сестри од Албанија, кои ноќта пред да се вратат дома, се собрале во хотелска соба да го прослават крајот на мисијата.

Група медицински работници од Албанија пред еден месец дошле во италијанскиот град за да им помогнат на италијанските колеги во болниците.

Сопственикот на хотелот во кој биле сместени, повикал полиција која на Албанците им ги врачила казните со износ од по 500 евра.

Тие ги добиле казните со образложение дека дури ни медицинскиот персонал не може да се однесува спротивно на мерките за забрана, кои важат во време на пандемија на коронавирус, а се однесуваат на забраната за собирање и задолжителна физичка дистанца.

Член на локалната влада од Бреша, Џанпаоло Натали, рекол дека „оној кој е виновен треба и да одговара“.

„Овие луѓе дојдоа по наредба на албанскиот премиер да ни помогнат во најтемните моменти од нашите животи, кога нашите болници беа на колена поради ковид-19 и сега се враќаат во својата земја со 9 казни од по 500 евра и пријави за прекршок, зошто по еден месец во болниците, сакаа да се опуштат и да го прослават враќањето дома“ рекол Натали изреволтиран поради случајот.

Тој побарал да се испита случајот до крај за да се утврдат виновниците и да се расправа за настанот во Парламентот.

Треба да знаете
Последни објави