Search

Злосторство старо 46 години останува мистерија: Во 1971-та година киднапирал авион, скокнал од него со “брдо” пари, и до денес никој не знае кој е тој

Американското Федерално истражно биро – FBI, објавило нови документи кои се однесуваат на случајот со киднапирањето на авион во 1971-та година вклучувајќи и писмо кое ја продлабочува мистеријата.

Човекот наречен Д.Б. Купер, под закана со бомба, киднапирал авион кој летал од Портланд до Сиетл на 24-ти ноември 1971-та година. Откако во Сиетл ги ослободил патниците и екипажот, на пилотите им наредил да полетаат за Мексико, а потоа скокнал со падобранец преку задната врата, со 200.000 долари, некаде над шумските терени во Вашингтон. 

Никогаш повеќе не бил виден. Сега е објавено писмо без датум, кое наводно самиот Купер го напишал на машина за пишување. 

“Од почетокот знаев дека нема да ме фатите. Не го ограбив “Нортвес Ориент” бидејќи тоа е романтично, херојско или било што друго што се поврзува со високоризична ситуација. Јас не сум модерен Робин Худ. За жал, имам уште само 14 месеци живот”, навел тој во писмото. 

Весниците Washington Post, New York Times, Los Angeles Times и Seattle Times на агентите им предале копии од писмото, три седмици по грабежот. Секој весник објавил и статија за содржината на писмото. 

Минатиот месец FBI пратил копија од писмото пратено во Washington Post, како одговор на тужбата која ја поднел признатиот детектив Том Колберт, инаку филмски и телевизиски продуцент од Лос Анџелес, на основа на Законот за слобода на информациите. 

“Нема сомнение дека е од Купер, поради тоа што се споменува дека не оставил отпечатоци во авионот. Во авионот се пронајдени 11 отпечатоци, но ниеден важен”, навел тој. 

Од FBI минатата година ја затвориле истрагата без идентификација на киднаперот или со исклучување на можноста дека можеби загинал по скокот со падобран. Службениците во ФБИ рекле дека имале 800 осомничени. 

ФБИ никогаш не ја потврдиле автентичноста на писмото пратено во четирите медиумски куќи, ниту четирите други писма кои исто така му се припишуваат на Купер. Тие писма се пратени неколку дена по киднапирањето. 

Агентите на FBI најголемата трага ја имале во 1980-тата година, кога едно дете шетајќи покрај реката Колумбија во Вашингтон, пронашло купче банкноти од 20 долари, чии сериски броеви се поклопувале со броевите на парите кои ги украл Купер. 

“Мојот живот беше полн со омраза, немир, глад и уште повеќе омраза. Ова изгледаше како најбрз и најпрофитабилен начин да постигнам внатрешен мир. Не ги обвинувам луѓето кои ме мразат поради тоа што го направив, ниту ги обвинувам луѓето кои сакаат да бидам фатен и казнет, иако тоа никогаш нема да се случи”, навел Купер. 

Киднаперот во писмото истакнал дека нема да биде фатен бидејќи не се фалел, не оставил отпечатоци и носел капа и шминка. 

“Можат да додадат или одземат нешто уште сто пати, и повторно нема да имаат точен опис”, навел тој, додавајќи дека не е убиец, и дека никогаш не бил казнет ни за брзо возење. 

Агентите го запознале тогашниот директор на ФБИ со својата истрага за писмото, стои во документите кои ФБИ му ги предал на Колберт заедно со писмата. 

“Теренската канцеларија во Вашингтон направи сè за да ги сочува писмото и ковертот поради отпечатоците од прсти. Меѓутоа, голем број на луѓе ги допирале пред да дојдат во нашите раце”, се наведува во соопштението на ФБИ. 

Се истакнува и дека агентите не можат да сфатат што значи бројот “717171684” до името на “Washington Post” во долниот лев агол на писмото. 

ФБИ од јануари објавиле повеќе од 3.000 документи, кои ги проучувале Колберт и неговиот доброволен тим од 40 поранешни полициски службеници. Федералното истражно биро навело дека има повеќе од 71.000 документи кои се однесуваат на тужбата на Колберт. 

Колберт и неговиот тим веруваат дека Д.Б. Купер е човек чие име е Роберт Рекстроу, кој управувал со хеликоптер за време на војната во Виетнам, а сега има 73 години и живее на подрачјето во Сан Диего. 

Рекстроу во март му пишал на судијата кој е надлежен за случајот на Колберт, тврдејќи дека тој не е Д.Б. Купер. Тој исто така го обвинил Колберт дека му го уништува животот. Рекстроу во јули повторно му пратил писмо на судот, уште еднаш наведувајќи дека тој не е таинствениот извор.

Треба да знаете
Последни објави