Search

Желбата да им дадеме на светот и на Европа еден нов Балкан е силно поддржана од сојузна Република Германија

Желбата да им дадеме на светот и на Европа еден нов Балкан е силно поддржана од сојузна Република Германија

Во рамките на официјалната посета на СР Германија, премиерот Зоран Заев и канцеларката Ангела Меркел одржаа заедничка конференција за медиумите и ги презентираа најважните поенти од нивната средба.

Во своето обраќање пред претставниците на медиумите премиерот Заев го изрази своето задоволство од средбата и информираше дека на канцеларката Меркел ѝ изразил честитки за прелиминарниот договор за владина коалиција во Сојузна Република Германија. Политичка стабилна и силна Германија е во интерес на Европа и на Балканот, нагласи премиерот Заев во своето излагање.

„Оваа година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји. Нема подобра потврда за плодната соработка меѓу Македонија и Германија од фактите. Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 за нашата земја. Вредноста на трговската размена достигна околу 3.6 милијарди евра, и секоја година расте“, истакна Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.

Премиерот Заев на оваа прес конференција им упати охрабрување на германските компании да продолжат со експанзијата на своите бизниси во Република Македонија и информираше дека досега нивните фабрики отворија 20 илјади работни места во Република Македонија.

Претседателот на Владата на РМ Заев, соопшти дека наскоро се очекува да биде потпишана спогодбата за взаемно признавање на возачките дозволи меѓу Република Македонија и СР Германија.

Премиерот Заев потоа се задржа на соработката во областа на одбранбените политики и безбедноста. Тој истакна дека

Република Македонија длабоко ги цени силните пораки на поддршка што доаѓаат од Сојузна Република Германија за нашите стратешки определби – членството во ЕУ и НАТО, особено преку иницијативата Берлински Процес за Западен Балкан.

„Секако, нам ни останува домашната задача: Да продолжиме интензивно со реформите, како и на решавањето на отвореното прашање со Република Грција, проблемот што таа земја го има со нашето уставно име. Тоа се деликатни, тешки прашања, но ние сме посветени да испорачаме решенија во кои ги вклучуваме и опозицијата и претседателот на државата, а ќе бараме одобрување и од нашите граѓани“ истакна, меѓу другото премиерот Заев на заедничката прес конференција со канцеларката Меркел во рамките на официјалната посета на  високата владина делегација на СР Германија.

 

https://www.youtube.com/watch?v=5CroOn_JC20&feature=youtu.be

 

Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, од своја страна, изразувајќи му добредојде на македонскиот премиер, истакна дека СР Германија останува силен партнер на Република Македонија и дека меѓусебната соработка ќе се интензивира и понатаму имајќи ја предвид реформската агенда на актуелната влада.

Меркел во својата изјава оцени дека сега Република Македонија има стабилна влада која спроведува реформски политики во интерес на граѓаните на земјата и дека тоа е неопходно за перспективите на Македонија за членство ЕУ и НАТО.

Германската канцеларка истакна дека СР Германија отсекогаш ја поддржувала европската перспектива за земјите од Западен Балкан, дополнувајќи дека конфликти во регионот имало доволно, и дека сега треба да се работи на нова реалност.

Канцеларката Меркел нагласи дека се радува што владата предводена од премиерот Заев повторно дојде до придвижување во преговорите за името со Република Грција, и потенцираше дека Германија сака овој проблем да биде решен, и дека е подготвена да ги охрабри партнерите да направат нужни чекори и да најдат решение.

Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел изрази надеж дека на претстојниот априлски самит на шефови на држави на ЕУ во Софија, во Република Бугарија, ќе има вести за позитивен развој по ова прашање.

 

 

Треба да знаете
Последни објави