Search

Заврши протестот на ВМРО ДПМНЕ, најавен е нов утре

Заврши протестот на ВМРО ДПМНЕ пред Министерството за правда кој траеше само 45 минути. Влатко Ѓорчев им се заблагодари на сите кои вечерва присуствувале на овој протест и најави дека ќе продолжат исто утре во 18 часот пред Кривичниот суд.

Ѓорчев ги повика граѓаните да дојдат во помасовен број, со оглед на тоа што утре во Кривичниот суд се носат одлуките по жалбите за приведените 36 учесници во насилствата на 27 април во Собранието.

Говорите на Антонио Милошоски и Дарко Костовски главно се засноваа на тоа дека приведените биле невини граѓани кои што на 27 април ја бранеле државата, а сега биле жртви на политички прогон со цел како што рекоа тие да се префрли вниманието на јавноста од политичката агенда на новата власт.

Воедно Милошоски и Костовски порачаа дека секој реваншизам отворал врати за раѓање на нов реваншизам и затоа власта требала да го стопира ова. Тие побараа безусловно ослободување на сите приведени.

На протестот беа присутни околу стотина повозрасни граѓани. Од раководството на ВМРО ДПМНЕ присутни беа Никола Груевски, Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев.

Сообраќајот на „Рекорд“ беше блокиран околу 45 минути колку што траеше и протестот.

Треба да знаете
Последни објави