Search

Владата ги задолжи министрите да достават информации за службените трошоци направени во првите шест месеци

На 42-та седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот на реализацијата на листата на акти и материјали коишто министерствата се обврзаа да ги објават на своите веб страни.

Дополнително владата донесе одлука со која се наложува веднаш и во целост да бидат објавени овие информации од страна на министерствата и државните институции кои до сега не ја завршиле својата законска обврска.

Во согласност со начелото на владата за транспарентно и отчетно трошење на државните средства на денешната седница се донесе одлука со која се задолжија министрите, замениците на министри, државните секретари и генералниот секретар да достават информации за службените трошоци направени во рамките на предвидениот буџет во првите шест месеци од преземањето на функциите. Праксата да се доставуваат службените трошоци во блиска иднина ќе се однесува и на сите останатите носители на јавни функции.

Со оваа одлука Владата на Република Македонија, го задолжи Секторот за односи со јавност во Владата на РМ, да изработи софтверско решение за прикажување и визуализација на службените трошоци и истото да го постави на официјалниот сајт на Владa на Република Македонија.

На седницата Владата ја разгледа и усвои информацијата за начинот на кој ќе се објавуваат јавно склучените договори за јавни набавки. Во оваа насока се задолжи Бирото за јавни набавки веднаш да го надгради Електронскиот систем за јавни набавки со функционалност за прикачување на договорите кои подлежат на известување на склучен договор со додавање на задолжително поле за прикачување на склучениот договор.

Истовремено Владата им препорачува на државните договорни органи, единиците на локална самоуправа, јавните претпријатија, јавно – приватни субјекти основани од Владата на Република Македонија и трговски друштва во сопственост на Република Македонија да ги објавуваат договорите за јавни набавки на Електронскиот систем за јавни набавки.

Треба да знаете
Последни објави