Search

Трамп може да зборува пред празна сала во Давос, се планира масовен бојкот на неговиот говор

Трамп може да зборува пред празна сала во Давос, се планира масовен бојкот на неговиот говор

Сѐ поголем број учесници на Светскиот економски форум (ВЕФ) во Давос планираат во знак на протест да ја напуштат салата кога американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе го држи својот говор, јавува Кварц.

Американскиот портал се повикува на неколку учесници на конференцијата, кои како причина за бојкотот на говорот на Трамп го наведуваат неговиот коментар за африканските земји како „посрани дупки“ (shithole countries) од кои луѓето се доселуваат во САД, кој предизвика меѓународен скандал. Тој коментар на медиумите им го пренесоа сенаторот Дик Дарбин и уште неколку учесници на средбата на кој Трамп наводно го употребил овој вулгарен израз.

Бојкотот на говорот на Трамп прв го предложил Бонанг Мохале, директорот на јужноафриканското здружение на работодавачи Бизнис лидершип, во отворено писмо. Учесниците кои го планираат бојкотот заклучија дека ќе има поголем ефект ако ја напуштат салата на почетокот на говорот, отколку ако воопшто не дојдат.

Африканските директори побарале Трамп да се извини и да признае дека неговиот коментар бил непристоен. „Само тоа го очекуваме, да се извини“, изјави Лувујо Рани, директор на јужноафриканската ИТ компанија Силуло улутхо технолоџис.

Трамп очигледно не ја сфаќа штетата што ја нанесе со тој коментар, додаде Рани. Сепак, тој кажа дека навредата на Трамп нема да ги расипе бизнис односите на Јужноафриканската Република и САД. „Имаме долга историја која нема да исчезне преку ноќ“, заклучи тој.

 

Треба да знаете
Последни објави