Search

Тевдовски: Наплатата на даноците се зголемува, повратот на ДДВ се враќа брзо

Во последните неколку месеци има сериозно зголемување на наплатата на даноците во земјава, но се врши и сериозен поврат на ДДВ кон фирмите.

 Ова денеска го посочи министерот за финансии, Драган Тевдовски, одговорајќи на новинарски прашања при денешната промоција на реализираната помош од ЕУ во Управата за јавни приходи.

– Од јанаури досега наплатата на даноците е некаде 4,7 проценти повисока од истиот период минатата година, што се должи, пред се, на последните неколку месеци. Тоа е добро, бидејќи имаме сериозно зголемување на наплатата и од аспект на Министерство за финансии, бидејќи доаѓа до забрзување и подобрување на наплатата во последните месеци. Тоа значи дека се случува подобрување на економската активност, изјави министерот.

Тој додаде дека во последните два месеци повратот на ДДВ се одвива побрзо откако барањето ќе биде доставено до УЈП.

– Процесот е сериозно забрзан во однос на претходните години и внесува повеќе ликвидност, фирмите повеќе работат, а потоа плаќаат даноци. Така што ние сме задоволни од овие процеси, истакна министерот за финансии.

Во однос на проекциите во Предлог-буџетот за 2018 година оценува дека се тие реални и остварливи.

– Проекциите се апсолутно реални доколку гледате околу приходите што се во линија на годинешниот раст. Исто така, ние предвидуваме за наредната година раст на приходите од 4,2 проценти што е понизок од номиналниот раст од пет проценти. Исто така многу е важно дека проекцијата за растот на БДП за наредната година на МФ е идентична со онаа на Светска банка и ММФ, што значи дека имаме апсолутно кредибилна проекција, што одговора на очекувањата, рече министерот.

Потенцира дека и ние и најважните меѓународни инститиуции со оваа проекција покажуваме дека следната година ќе биде пресвртна и дека работите ќе тргнат напред.

Тевдовски смета дека и проекциите за реализација на капиталните инвестиции се реални.

– Ако се погледнат во 2017 година со Буџетот предвидени се капитални инвестиции од 27 милијарди, а следната година одиме со 24 милијарди денари, бидејќи сакаме да бидеме реални и да буџетираме тоа што стварно мислиме дека ќе се оствари, рече министерот.

Според него, се размислува за обезбедување на поврат на дел од персонален данок на земјоделците.

– Со промена на решението, појасни, земјоделците ќе немаат потреба од нив ниту да пријавуваат ниту да плаќаат туку данокот за нив ќе треба да го пријавуваат или плаќаат откупувачите и затоа за тоа размислуваме во насока да се обезбеди за дел од нив до одредена сума поврат на персонален данок.

Треба да знаете
Последни објави