Search

StopVAWnow.org – ОБСЕ лансираше нов онлајн ресурс за борба против насилството врз жените во Југо-источна и источна Европа

Секретаријатот на ОБСЕ денес лансираше нов онлајн ресурс со информации за помош при насилство врз жената како поддршка на напорите за спречување и борба против истото. Страницата www.stopvawnow.org е достапна на шест јазици и е практична алатка за службени лица, органи за спроведување на законот, невладини организации и пошироката јавност во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и Молдавија и Украина.

Веб-страницата е едноставна за користење и корисниците можат брзо да ги најдат потребните информации, упатства и клучни телефонски броеви релевантни за секоја земја.

Во делот „Ми треба помош“, жените жртви на насилство можат да најдат информации со кого да контактираат ако имаат потреба од поддршка, како што се телефонските броеви на локалните невладини организации и линијата за помош.

Во делот „Сакам да помогнам“, ОБСЕ состави упатство со насоки за граѓаните да знаат што да преземат за да помогнат во разрешување на критични ситуации, за да обезбедат поддршка на жените, како и за подигање на свесноста.

Делот „Сакам информации“ дава дополнителни детали за резултатите и препораките на Истражувањето за благосостојбата и безбедноста на жените предводено од ОБСЕ, што беа објавени на почетокот од годинава. Истражувањето открива дека 70% од жените во Југоисточна и Источна Европа доживеале некаков вид насилство: сексуално, физичко, психолошко, демнење или сексуално вознемирување, но процентот на пријавување на инцидентите останува низок. Само 15% од жените ги пријавиле во полиција случаите на сериозно насилство од страна на својот партнер.

„Овој Интернет ресурс се базира на резултатите од Истражувањето за благосостојбата и безбедноста на жените предводено од ОБСЕ, кое што покажува дека она што им е најмногу потребно на жените кои искусиле насилен инцидент е морална поддршка и некој со кого ќе разговараат за тоа“, рече Серани Сигел, проектна менаџерка на истражувањето. „Истражувањето, исто така, ја истакна важноста да се зборува за насилството и да им се обезбедат на жените ресурси за да го пријават насилството. Веб страницата ќе помогне во овој поглед и ќе им овозможи на жените да најдат голем број на алтернативи за пријавување на насилство и да добијат поддршка “.

Страницата е дизајнирана да служи како ресурс за владините функционери, органите на прогонот, НВОи, академијата и медиумите подобро да ја разберат важноста на овој проблем и дава насоки за имплементирање на политики и практики. Преку обезбедување информации за овие прашања, страницата има за цел и да го спречи односот на обвинување на жртвите кои што придонесува и кон нивно замолчување.

Лансирањето на веб-страницата на 10 декември се совпаѓа со крајот на кампањата на ОБСЕ „Крај за молкот“, меѓународна кампања што опфати 16 денови активизам против родово-базираното насилство. Кампањата „Крај за молкот“ се фокусираше на менување на начинот на размислување и ставовите кај јавноста кои што придонесуваат кон родова нееднаквост, а со тоа и на насилството врз жените.

Како дел од оваа кампања, беа испечатени постери што се дистрибуирани до полициските станици во местата што беа вклучени во Истражувањето, со што се потенцираше важната улога што полициските службеници и другите вработени во полициските станици може да ја имаат за поддршка на преживеаните од насилство.

Кампањата вклучи многумина од регионот преку социјалните канали на ОБСЕ и беше забележана од 39,000 лица на Фејсбук, и регистрирани преку 57,000 импресии на Твитер и 16,000 на Инстаграм. Специјални дизајнираниот филтер на Инстаграм регистрираше 83,000 импресии за 16 дена. Кампањата доби широка поддршка и од медиумите и влијателните личности, со комбиниран дофат до преку 20 милиони лица.

 

Треба да знаете
Последни објави