Search

СЈО: Немало обид за атентат врз Фатиме Фетаи

СЈО: Немало обид за атентат врз Фатиме Фетаи

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги демантира написите во медиумите дека имало обид за атентат врз обвинителката Фатиме Фетаи откако дел од медиумите објавија дека зад инцидентот во средата во селото Боговиње всушност се крие обид за атентат.

– Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека определен инцидент во село Боговиње, случен на 7 февруари оваа година, е поврзан со обвинителката Фатиме Фетаи и во кои се шпекулира дека во заднината на инцидентот бил обид за атентат врз неа. Информираме дека на тој ден обвинителката ниту била во Боговиње, ниту пак тој настан има каква било поврзаност со Фетаи – реагираат од СЈО.

Порталот Shqipmedia повикувајќи се на свои извори објави дека зад споменатиот инцидент се крие нешто многу поголемо, односно има сомнежи дека ова било сценарио за атентат кон обвинителката.

Во текстот кој го објави порталот, а потоа го пренесоа и дел од медиумите, се наведува дека во селото биле забележани неколку непознати лица со три возила и полицијата почнала да ги брка. Наводно, како што објави порталот, возилата имале фалсификувани таблици и има големи сомнежи дека целта била Фетаи, бидејќи блиску до нејзината куќа почнала бркотницата во која имало и пукотници.

За случајот во село Боговиње регистриран на 7 февруари информираше и полиција во редовните дневни билтени, но оттаму не го поврзаа инцидентот со обвинителката.

„На 07 февруари околу 18,10 часот во селото Боговиње полициски службеници од Полициско одделение Камењане дале знак за да застане патничко моторно возило БМВ со скопски регистерски таблици. Истото застанало и кога полицискиот службеник се доближил, возачот во возилото го стартувал истото и се обидел да го удри полицискиот службеник, а потоа удрил во полициското возило како и во други паркирани возила. При обидот за бегство, едно од лицата кое било сопатник во возилото испукало два куршуми од пиштол во воздух. Поради предупредување, полициските службеници испукале неколку куршуми во воздух . Лицата се дале во бегство заедно со уште две возила – Ауди со штипски регистерски таблици и „Шаран“ со непознати регистерски таблици напуштајќи го местото на настанот. Околу 20,50 часот на влез во Скопје, од страна на полициски службеници од единицата Алфи, било сопрено возило БМВ управувано од 17 годишен малолетник од Куманово. Подоцна, во населбата Ѓорче Петров, од страна на полициски службеници од единицата Алфи, било сопрено и возилото Ауди со штипски регистерски таблици управувано од И.С. (29) од Куманово. Лицата се приведени во ПС-Ѓорче Петров, а возилата се пренесени во кругот на полициската станица за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, соопштија тогаш од МВР.

Треба да знаете
Последни објави