Search

Се празнува Св.Трифун – традиционално закројување на лозјата

 

Православната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски.

Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според јулијанскиот календар, т.е. на 14 февруари, според грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите.

Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.

Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“

Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трипун-пијаницата. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Луѓето за оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата.

Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата.

 

 

  ИЗВОР:http://denar.mk/169738/ekonomija/se-praznuva-sv-trifun-tradicionalno-zakrojuvanje

Треба да знаете
Последни објави