Search

Расно куче кое имало сопственик касало луѓе во Аеродром

Расно куче кое имало сопственик и кое било пуштено слободно да шета, нападнало и гризнало повеќе луѓе во населба Аеродром, информираат од здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

Претходно, полицијата соопшти дека кучето искасало две жени на возраст од 40-тина години и четири деца на возраст од 10 до 14 години, на просторот меѓу булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ.

„Нападите се случиле од расно куче кое е непознато на локалното население и на активистите за заштита на животните од тој реон, кое некој го пуштил и се обидуваме да го лоцираме, го бараме. Во тој дел живеат бездомни кучиња кои се сите стерилизирани – вакцинирани – обележани и за кои локалните жители и наши активисти се грижат, кои се миленици на децата кои живеат таму“, велат од „Анима Мунди“.

 Оттаму додаваат дека вината за овој настан треба да се лоцира во неодговорните сопственици, односно во оние кои кучето го воспитале/научиле да напаѓа и кои го пуштиле слободно да шета и на тој начин ја изложиле јавноста на опасност. Токму затоа од здружението бараат овие лица итно да одговараат.

„Неодговорното сопствеништво е причинител број 1 за постоење на бездомните кучиња на улица, испуштените од контрола и неодговорно чуваните кучиња се оние кои се недоволно социјализирани и оние кои главно напаѓаат, за што говорат и податоците во Инфективната болница и искуствата со кои се соочуваме на терен“, стои во соопштението на „Анима Мунди“.

Оттаму додаваат дека досега во повеќе наврати доставале предлог законски измени и барале дефинирање на строга законска рамка околу обврските и задолженијата кои би овозможиле да се санкционираат неодговорните сопственици.

 

Треба да знаете
Последни објави