Search

Продолжува изградбата на жичницата на Водно и на “Сончев град”

Владата на премирот Зоран Заев ќе ги продолжи проектите за Жичницата на Водно и за “Сончев град” што ги започна претходниот владин состав.

Како што информира министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, во предлог-буџетот за 2018 година се предвидени средства за продолжување на реализацијата на овие два проекти и тоа: 50 милиони денари (813 илјади евра) за Жицницата и 63 милиони денари (1,024 милиони евра) за “Сончев град”.

Жичницата која го поврзува Средно Водно со Милениумскиот крст во прва фаза беше пуштена во употреба во 2011 година и е со должина од 1.560 метри. Оттогаш секоја година во државната каса се предвидуваат средства за продолжување на трасата во должина од 1.600 метри до црквата “Свети Јован” во населбата Капиштец, каде што требаше да биде почетната станица, а втората да биде кај Институтот за белодробни заболувања, но никако да се реализира.

Колку од планираното во втората фаза ќе може да се реализира со планираните 813.000 евра останува да се види наредната година, бидејќи повеќе детали за тоа од каде ќе се обезбедат до 8 милиони евра колку што е проектираната вредност за реализација на втората фаза, не се кажуваат.

Жичницата во моментов има 28 кабини со капацитет за осум лица, како и две елитни (ВИП) кабини за по четири лица. Со неа стопанисува Јавното сообраќајно претпријатие.

Еден милион евра буџетски средства се предвидени и за проектот “Сончев град” .

Во 2013 година општина Сопиште потпиша договор со турската фирма “Џеваир холдинг” за изградба на новата елитна населба. Турската компанија за 1,7 милиони евра го купи земјиштето со површина од 850.000 квадратни метри на која ќе треба да изгради елитна населба, со три типа живеалишта, најголем дел од нив наменети за домување.

Предвидена е изградба на луксузни куќи и на вили со посебен режим на користење и заштита, со минимална површина од 500 квадрати на секоја од парцелите за градба, потоа индивидуално домување во различни видови куќи, самостојни, дуплекс, куќи во низи и атриумски куќи, и самостојни станбени згради и станбено-деловни објекти во блоковски низи. Во населбата ќе има училиште, градинка, трговски центри, како и зелени појаси и спортски терени.

“Џеваир холдинг”, според договорот има обврска во рок од шест години да изгради барем 10 отсто од предвидените содржини во новата елитна населба.

 

Треба да знаете
Последни објави