Search

Петровски: Невиден притисок и закани врз делегатите пред Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

Филип T. Петровски, единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој отворено рече дека ќе влезе во битката за лидерската позиција на најголемата опозициска партија, вели дека ја има потребната поддршка од делегатите на Конгресот што ќе се одржи на 23 декември во Валандово и покрај огромниот притисок и закани со кои тие секојдневно се соочуваат.

– Се врши невиден притисок врз делегатите. Има и закани дека ако не гласаат за фаворитот на Палатата ќе мора да се соочат со својот крај на политичката кариера. Наспроти заложбите да се одржи Конгрес во демократска атмосфера, имам сериозни сомнежи дека на 23 декември ќе има регуларно гласање, кога не ги оставаат делегатите слободно да размислат за кој кандидат да го дадат својот глас – предупредува Петровски и вели дека ги собрал потребните потписи за кандидатурата која и официјално ќе ја достави во партијата.

На нашето прашање кој врши притисок врз делегатите, Петровски вели дека засега нема јавно да го открие неговото име, но додава дека станува збор за еден од кандидатите кој има поддршка само од раководството, но не и од поширокото членство на партијата.

Филип Петровски, поранешен директор на Државниот архив на Македонија се сомнева и во мотивите поради кои во минатата недела на седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беа разрешени 15 членови. Според Петровски, ЦК направил чистка во своите редови на неподобните пред одржувањето на Конгресот и ги тргнал оние негови членови кои не стојат зад кандидатот што го форсира Белата палата.

Во времето на студентските денови во 1997 година како апсолвент на Филозофскиот факултет, Филип Петровски беше еден од водачите на масовните студентски протести против наставата на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје. Истата година стана член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот од 1998 до 2001 година беше пратеник, а подоцна со одлука на тогашната Влада беше назначен за конзул во Њујорк. По промената на власта во 2002 година, Петровски беше сменет од конзулската позиција во САД. Во 2003 година, на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Петровски беше дел од штабот на Марјан Ѓорчев, кога се кандидираше за претседател на партијата. Подоцна, Петровски му се придружи на Никола Груевски и стана дел од партиската комисија за надворешна политика.

Дали во партијата има пријавено кандидати за лидерската позиција, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кога ќе се случи тоа информацијата ќе ја споделат со јавноста.

Познато е дека во минатата недела Централниот комитет на партијата ја прифати оставката на Груевски и одлучи на 23 декември да се одржи16  вонреден Конгрес на кој ќе се избере новиот претседател. На Конгресот ќе присуствуваат 544 делегати.

Треба да знаете
Последни објави