Search

„Дивo насеље“ нема да влијае на добрите односи меѓу Скопје и Приштина

Македонија и Косово развиваат добра соработка и ги продлабочуваат односите.

Случајот „Дивo насеље“ е чувствително прашање што не треба да предизвика проблеми во билатералните релации, оценија премиерите на Македонија и на Косово, Зоран Заев и Рамуш Харадинај,на заедничката прес-конференција по денешната средба во Приштина.

Заев и Харадинaј истакнаа дека разговарале за заеднички проекти како што е автопатот Скопје – Приштина и за аспирациите на двете земји за интеграција во евроатланстките структури.

– Косово и Македонија имаат добри односи и ги обединува евро-атлантската перспектива. Со Заев разговаравме за продлабочување на соработката и за обврските што во тој контекст, треба да ги завршат двете влади – изјави Харадинај.

На средбата, како што потврдија и двајцата, станало збор и за случајот „Дивo насеље“.

– Тоа прашање не треба да биде пречка во нашите односи. Таму имаше убиени неколку полицајци и ќе има меѓународна истрага за да се дојде до вистината – рече Заев.

На средбата премиерот Заев го поканил косовскиот колега да ја посети Македонија.

Заев во рамки на еднодневната посета на Косово, ќе има средби и со косовскиот претседател Хашим Тачи и со претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели.

За време на престојот во Косово, македонскиот премиер ќе се сретне со претставници на Македонско – косовската бизнис заедница.

Во македонската делегација, што ја предводи премиерот Заев, се министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

Посетата на Заев е прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово. 

Треба да знаете
Последни објави