Search

Oпозицијата бара оставка од Спасовски по синоќешното убиство во Ѓорче

Уште колку убиства сред град треба да се случат за Оливер Спасовски да си поднесе оставка, праша на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во името на опозициската партија, говорејќи за синоќешното убиство во Ѓорче Петров побара од министерот за внатрешни работи да поднесе оставка.

„ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека безбедносната ситуација ќе се влошува заради неспособноста на Оливер Спасовски и коалицијата со криминалците на СДСМ. Ова убиство е уште еден доказ за тоа дека криминалот владее на улиците“, рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека Спасовски го претворил МВР во статистичка институција за нотирање на убиства, грабежи, сомнителни пожари и насилства. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека случаите остануваат или неразрешени или убијците никогаш не се пронаоѓаат.

„Да се потсетиме дека слична ваква мафијашка ликвидација се случи на улица „Рузвелтова“ кога беа убиени две лица. Патем еден од убијците на младиот Саздовски сеуште не е достапен на правдата. Полицијата сеуште трага по убиецот на Мартин Јанушев. Убија дете на автобуска постојка во Чаир, го ликвидираа Дилавер Бојку Леку во неговиот локал, беа опожарени десетици автомобили и уште стотина други слични вакви случаи“, истакна Ѓорѓиевски.

Според него, Спасовски треба да замине за да се вратат редот и мирот за граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави