November 30, 2020 11:05
Македонија

OЈО почна истрага против Димова за „Фризерница“, бара да ѝ се одземе пасошот

Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица.

Станува збор за директорката на Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова за случајот во јавноста познат како „Фризерница“. Покрај Димова, осомничени се Зоран Златковски во својство на управител и сопственик на Друштво за трговија и услуги увоз-извоз В.Е.З. Трејд ДООЕЛ Скопје, А. Г., во својство на надворешен соработник во Национална Агенција за европски образовни програми и мобилност и А. П. во својство на благајник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност. За нив постои основано сомнение дека сториле кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, измама на штета на средства на европската заедница, соизвршителство и несовесно работење во службата.

-Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело Измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5  и став 3 во врска со став 1, додека четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во служба предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од  Кривичниот законик.
Во текот на денешниот ден, обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за изрекување на мерки на претпазливост согласно чл.146 став 1 точки 2, 3 и 7 за тројца осомничени, велат од ОЈО.

Заради обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка, обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.