Search

Невидливите херои на УБК кои го открија скандалот со прислушувањето ќе добијат награди за слобода на говор

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, вработените во УБК кои го открија скандалот со прислушувањето во Македонија, ќе ја добијат годишната „Наградата за слобода на говорот“, што ќе им биде врачена во Приштина на 23 март.

Како колеги во Управата за безбедност и контраразузнавање, Лазаревски и Костовски три години работеле со цел да го документираат нелегалното прислушување на над 20.000 бизнисмени, активисти, новинари и други политички неистомисленици на минатата власт. Објавувањето на дел од прислушуваните разговори во 2015 година резултираше со нови избори во 2016 и формирање нова влада во 2017 година. Покрај тоа, разговорите беа докази за обвиненија на 94 лица и седум компании.

Поради тоа што посочи на нелегалното прислушување, Ѓорѓи Лазаревски помина 11 месеци во затвор. Денес тој е слободен и иако ретко се појавува во јавноста, на 23 март ќе направи исклучок за да ја прими „Наградата за слобода на говорот“ во свое и во име на неговиот колега Костовски.

„Наградата на слободата на говорот“ е годишно признание кое се доделува од страна на Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите. Двете организации соработуваат со локални активисти и новинари во Косово за да го организираат Меѓународниот ден на свиркачите и Неделата за слобода на говорот во Koсово од 19 до 24 март.

Макфакс

Треба да знаете
Последни објави