Search

Нафтата од иранскиот танкер се излеа во кинеското море во количини најголеми во последните неколку децении

 

Нафтата од иранскиот танкер кој потона во неделата се разлеала во Источното кинеско море во одделни нафтени дамки, кои на некои места зафаќаат површина поголема од 100 квадратни километри, потврдија кинеските власти.

Претходно, сателитски снимки покажаа две поголеми дамки во морето, а последните податоци покажуваат дури четири дамки во опсег од 5,5 до 48 квадратни километри, информираше Државната управа за океани (SOA).

Големиот танкер „Санчи“ потона во најтешката танкерска несреќа во последната деценија, а според некои информации количината на излеана нафта е најголема од 1991-та година па наваму. Тоа предизвика загриженост за штетата која може да биде предизвикана врз морските екосистеми. Телата на двајца морнари беа пронајдени на бродот, додека уште едно тело било извадено од морето во близина на бродот. Останатите 29 членови на екипажот се сметаат за исчезнати, иако многу мали се надежите дека некој од нив ќе биде пронајден жив.

Кинеското министерство за транспорт соопшти дека спасувачките екипи ги лоцирале остатоците од бродот на длабочина од 115 метри под површината на морето и се подготвуваат да спуштат два подводни роботи во потрага по телата.

Од Државната управа за океани известија дека собрале 19 примероци од водата и утврдиле дека концентрацијата на нафта кај пет од нив ги надминува дозволените граници.

Екипи за чистење продолжуваат да ја надгледуваат областа околу остатоците од бродот и го проценуваат и следат ширењето на истурената нафта, како и опасноста која тоа ја претставува по животната средина.

Треба да знаете
Последни објави