Search

На релација Скопје–Солун повеќе нема автобус

 

Од изминатиов викенд „Македонија сообраќај” повеќе не продава билети за Солун, а тоа не го прави ниту нивниот партнер, грчката транспортна компанија „Симеонидистурс”. Редовната автобуска линија Скопје-Солун-Скопје, ќе биде во прекин се додека Министерството за транспорт и врски или Управниот суд не одлучат поинаку.

Министерството за транспорт и врски информира дека превозникот „Македонија сообраќај“ не сообраќа на релацијата Скопје – Солун, бидејќи нема лиценца. „На превозникот „Македонија сообраќај“, поради нередовно одржување на возната линија Скопје – Солун, пред повеќе од три години му е одземена дозволата за превоз на патници на линијата Скопје – Солун. По две жалбени постапки од страна на оваа компанија, Министерството за транспорт и врски, му ја одзема дозволата за вршење на превоз на патници на релација Скопје-Солун. Во период на водење на жалбената постапка, важноста на дозволата била продолжувана, бидејќи решението за одземање на дозволата не било правосилно, а дозволите важеле до 31 јануари 2017 година. Превозникот „Македонија сообраќај“ не аплицирал за нова дозвола“, се вели во соопштението на министерството.

Во него се додава дека, во овој момент тече жалбената постапка пред Управниот суд и се додека се води управната постапка, Министерството за транспорт и врски, согласно законските прописи, не може да преземе дејства. Партнер-фирмата од Грција редовно ја одржува линијата Скопје-Солун, а истата аплицирала за продолжување на важност на дозволата и ги има исполнето сите законски услови за тоа.

Министерството за транспорт и врски апелира до сите заинтересирани компании да се пријават на претстојниот повик за распределба на автобуските линии во внатрешниот и меѓународниот сообраќај, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни сообраќајни услуги за граѓаните.

„Македонија сообраќај“ организираше редовен превоз за Солун и назад, двапати дневно, повеќе од 15 години.

Треба да знаете
Последни објави