Search

На Мајк Тајсон му е забранет влезот во Чиле

Чилеанските власти не му дозоволиле на поранешниот шампион во тешка категорија, Мајк Тајсон, да влезе во земјата и тој со првиот авион ќе биде вратен назад во САД. Полицијата соопшти дека Тајсон, поради своето кривично досие, не ги исполнува условите за влез во Чиле.

Истражната служба на чилеанската полиција, која е еквивалент на американското Федерално истражно биро, има право да им забрани влез во земјата на странците што во своите држави се осудувани или се под истрага за какво било дело.

„Во тој контекст е и Тајсон, кој повеќе пати е осудуван. Поради тоа му е забранет влез во земјата“, изјавила портпаролката Наталија Алварадо.

Тајсон во Чиле требало да учествува во промотивни активности за една телевизиска станица.

На поранешниот шампион во тешка категорија во 2013 година не му беше дозволен влез во Велика Британија.

Тајсон три години помина во затвор бидејќи беше осуден за силување тинејџерка во 1992 година. Исто така, тој е осудуван и за напад и поседување кокаин.

Треба да знаете
Последни објави