Search

Македонија покажува солидарност со ЕУ протера еден руски дипломат

Македонија покажува солидарност со ЕУ протера еден руски дипломат

Македонија ќе протера еден дипломат на Русија од државата поради негова поврзаност со случајот Скрипал. Ова предмалку го соопшти министерството за надворешни работи преку официјално соопштение. Одлуката била донесена по консултации со претставниците на ЕУ и НАТО. Идентитетот на дипломатот засега не е познат.

„Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија“, стои во соопштението.

Од МНР појаснуваат дека одлуката да се протера овој дипломат е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од министерството.

Од амбасадата на Рудија во Скопје соопштија дека оваа одлука ја оценуваат како провокација и непријателски чин.

„Целосната одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“, напиша амбасадата

Денеска САД, Канада, Украина и уште четиринаесет земји-членки на ЕУ најавија протерување руски дипломати. Руското министерство за надворешни работи пак соопшти дека протерувањето на дипломатите е „непријателски чекор“ и најави реципрочен одговор.

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен гас во британскиот град Салсбери на почетокот на месецов. Западот ја обвинува Русија дека стои зад нападот.

Официјална Москва засега ги отфрла сите обвинувања.

Треба да знаете
Последни објави