Search

Macedonia the great – новата кампања и етикета на грчките производи

Ознаката „Macedonia the GReat“ не е регистрирана како трговска марка и затоа за неа не може да расправа македонско-грчката комисија. Според упатените, употребата на ознаката не го прекршува Договорот од Преспа, но порачуваат дека македонските власти треба на ист начин да возвратат. За многумина провокативен, поради тоа што грчкиот премиер Мицотакис за промоција на ознаката го одбра токму денот кога се сретна со македонскиот колега Заев. Сепак, претседателот на македонската страна на комисијата за трговски марки Ѓорѓи Филипов вели дека досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка со тоа име. Досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост или на светската организација за интелектуална сопственост со спомнатата ознака. Тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од меѓународната група на експерти. – Ѓорѓи Филипов.

Новиот грчки слоган беше презентиран на прес-конференција на здружението на извозници од Грција, а на презентацијата беше пуштено и промотивното видео кое е дел од грчката кампања за брендирање. На овој начин, според  грчкиот премиер Мицотакис, ќе се намалат негативните последици од Преспанскиот договор.

„Бев посветен на решавање на негативните последици од Преспанскиот договор со тоа што ги поддржував професионалните тела на Северна Грција да воспостават унифициран колективен идентитет. Верувам дека оваа елегантна етикета претставена денес, која веднаш ќе биде депонирана во Европското биро во Аликанте, ја постигнува оваа цел, изјави Кирјакос Мицотакис – Премиер на Грција.

Премиерот Заев пак на маргините на самитот во Солун, запрашан за новиот грчки слоган, кажа дека се уште не го видел, но додаде дека треба да се почитуваат меѓународните регулативи и изрази уверување дека ќе се најде најдоброто решение за заштита на трговските марки на двете држави.

Македонија и Грција формираа заедничка мешовита комисија за трговските марки, која е дел од Преспанскиот договор. Комисијата има рок до 2022 година да дојде до договор за употребата на трговските марки, географските ознаки, брендовите и комерцијалните имиња кои во себе го содржат терминот Македонија или придавката Македонски.

Треба да знаете
Последни објави