Search

Ќе се пуши во затворените тераси на кафулињата и рестораните, усвоен законот за пушење

Ќе се пуши во затворените тераси на кафулињата и рестораните, усвоен законот за пушење

Пушењето во целосно затворените летни тераси, кое властите досега преќутно го дозволуваа, отсега ќе биде легално. Пратениците денеска ги изгласаа измените во Законот за заштита од пушењето со кои се дозволува пушење во деловите од угостителските локали кои се заградени со стакла и фолии од сите четири страни. Тоа значи дека посетителите не смеат да запалат цигара внатре во угостителскиот локал, но без проблем смеат да пушат на целосно заградената летна тераса, бавча или платформа која најчесто е споена со останатиот дел од локалот. Забраната за пушење во институциите и јавните установи, канцелариите, на автобуските и железничките станици, како и во другите затворени простории останува.

Измените во законот ги предложи група пратеници од владејачкото мнозинство со објаснување дека постојното законско решение е ригорозно, ги нарушува прават на пушачите и оти поради тоа паѓа прометот на угостителите. Иако Собранието неколку месеци го одложуваше разгледувањето и гласањето на овој закон, тоа не ги спречи угостителите и гостите да го прекршуваат. Во изминатите неколку месеци без проблем се пушеше речиси во сите затворени летни тераси, дури и на местата каде што се приготвува и служи храна, а надлежните институции најчесто не реагираа, ниту пак ги казнуваа прекршителите.

Ваквата одлука на пратениците ги изреволтира повеќето граѓани, дури и тие што пушат. „Победа на најлон кафеаните“, „Чекор назад“, „Ова ич не ви требаше“, „Нема повеќе одење на кафе“, се само дел од првичните реакции на социјалните мрежи.Најголем дел од луѓето реагираат дека затворените летни тераси во повеќето локали физички не се одвоени од затворениот внатрешен простор, така што сите гости на локалот се принудени да дишат чад од цигари.

– Останува целосно во сила забраната за пушење во сите затворени објекти. Ниту едно право што го имаат непушачите во моментов нема да биде загрозено – рече пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев, еден од подносителите на законските измените, на собраниската расправа.

Измените во Законот за заштита од пушењето беа донесени по итна постапка.

Треба да знаете
Последни објави