Search

Како изреагирав кога син ми го скрши огледалото?

Ова беше мојот пекол минатата среда.

Скршени остри парчиња стакло.
Син ми го направи ова.
Понекогаш, многу често, работите се кршат ненадејно. И тоа ви го одзема здивот…веднаш

Ми се одзеде здивот кога син ми, влегувајќи во бањата, фрустриран, лут, од само нему познати причини, ја удри силно вратата од бањата, предизвика да падне големото огледало на подот и да се скрши на милион парчиња. Точно милион скршени парчиња огледало почнаа да ja рефлектираат светлината од попладневното сонце.

Јас бев тивка. Ја преживеав оваа незгода и вдишав длабоко. Го изнесов кучето надвор за да не се исече на шепите.

Отидов зад куќа и почувствував како врели силзи ми се тркалаат по лицето. Зачудувачки е колку осамено може да се чувствуваш кога си самохран родител, во вакви моменти. Сфатив колку исплашено и разочарано се чувствувам. Дали ова навистина се случи? Да, реално е.

И додека стоев надвор и се трудев да сфатам дали неговиот карактер вака ќе се развива, го слушнав неговото плачење низ отворениот прозорец на бањата.

Неговата душа го болеше. Нити тој не го очекуваше ова. Здраво гневу – не помнам дека те поканив во мојата куќа.

Исплашена.
Преплашена.
Засрамена.
Загрижена.
Диши длабоко, мајко воин. Диши длабоко. На тоа мало, исплашено, кршливо душиче му требаш веднаш. Му треба најдоброто од тебе. Твојата најголема утеха. Твојата најљубезна и најсигурна мајчина љубов. Уште една длабока воздушка. Оди мајко.
Оди. Оди сега. Отвори ја вратата, помини внимателно преку скршеното стакло, отвори ја вратата од бањата и погледни го лицето кое го сакаш најмногу на светот. Црвен од страв и низ врели солзи, едвај изговори: “Мамо, никогаш повеќе нема да го повторам ова, МНОГУ ми е жал. ” Уште солзи. Уште липање.
Оди мајко. Земи го сега. Оди. Стави го во својата прегратка. Да, плачеш и ти. По ѓаволите ова беше страшно. Прегрни го цврсто. Гледај како полека се претвора во топка во твоите прегратки. Гледај колку му е потребна твојата љубов. Твојата сигурна прегратка. Гледај колку е уште малечок. Колку е кршлив неговиот дух.
Те сакам.
Безбеден си.
Тука сум.
Најлошото помина.
Кај мене си.
Тука сум.
Те сакам.
Оди мајко. Раскажи му за гневот. Раскажи му сега. Гневот е навистина огромно чувство. Ти имаш право на својот гнев. Гневот гори најжешко. Може да те изгори. Може се’ да уништи. Тој знае. Тој чувствува. Тој денес се запозна со гневот.
Постои подобар начин да ги искажеш своите големи чувства.
Ќе работиме на тоа, од утре.
Тука сум за да ти помогнам.
Безбеден си.
Никогаш не си сам со својот гнев.
Никогаш не си сам со своите стравови.
Тука сум. Заедно сме.
Сега заедно ќе исчистиме.
И ги исчистивме скршените парчиња од огледалото. Ги собравме и заметивме. Бевме тивки додека работевме. Внимателни. И размислувавме.
Понекогаш работите се кршат. Понекогаш ние ги кршиме. Не е важно кршењето, ниту како се случило, ниту зошто се случило. Важно е како ќе одговориме на тоа. Дали не уби? Дали не фрли во кругот на обвинување и казна?
ИЛИ
Дали ни помогна да се потсетиме колку длабоко се сакаме? Дали кај нас предизвика сожалување и го претвори гневот во љубов?
Да. ЉУБОВ.
Оди мајко. Оди сега. Земи го своето дете. Научи му. Покажи му. Тоа се вика ЉУБОВ. Оди. Веднаш!

Треба да знаете
Последни објави