Search

ЈСП набавува дизел за две години пред да се зголеми акцизата

Во јавниот превоз ќе се прават нови математики за цените

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје објави оглас за прибирање понуди за снабдувач со дизел-гориво во наредните две години. Според огласот, што е објавен на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на набавката е 800 милиони денари, односно 13 милиони евра, без ДДВ.

Сите автобуси на ЈСП возат на дизел-гориво.

Во огласот е наведено дека критериум за избор на понудувач е најниска поединечна цена. Понудите треба да се достават најдоцна до 25 декември годинава. Од наредната година, пак, според најавите, акцизата за литар дизел фиксно се зголемува за 3 денари. Овој износ, пак, влегува во даночната основица со што поскапувањето е повеќе од три денари. Иако, набавката е пред да стапи во сила измената на акцизата, веројатно компаниите што го продаваат дизелот, ќе ги земат предвид новите трошоци во градењето цена.

Во огласот е наведено дека набавката не е делива и дека компанијата што ќе го снабдува ЈСП треба да има успешно реализирани минимум три договори во последните три години за испорака на дизел. Потоа, компанијата треба да располага со минимум една бензиска станица во Скопје, да располага со минимум една автоцистерна со носивост од минимум 30 тона и една автоцистерна со носивост од минимум 20 тона со минимум стандард Еуро 4 со инсталирано верификувано мерило со важечки жиг и сертификат издаден од Бирото за метеорологија или правно лице овластено од министерот за економија. В.Д.
Текст под слика

Сите автобуси на ЈСП возат на дизел-гориво

 

Треба да знаете
Последни објави