Search

Големата акција за чистење на Скопје почна во Бутел

Неколку стотици новоангажирани работници, покрај постоечките човечки ресурси и механизација на јавните претпријатија и скопските општини, денеска во општина Бутел ја започнаа големата акција за чистење на Скопје.

Целта на оваа голема акција е чистење и миење на улиците од прашината која со години се таложи и претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот, истакнуваат од Град Скопје.

Со оваа голема акција ќе бидат опфатени сите 10 општини во Скопје, каде чистењето и миењето на улици ќе се одвива во секоја општина по неколку денови, а доколку дозволат временските услови, се планира истата да заврши за 20-ина дена. По завршувањето на чистењето на улиците, работната активности ќе продолжат на кејот на реката Вардар.

За оваа акција Град Скопје ангажираше неколку стотини невработени лица кои се повикани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Од Град Скопје ги повикуваат и другите институции, бизнисите и здруженијата на граѓани, во рамките на своите можности, да се приклучат во акцијата и да помогнат во чистењето на улиците.

 

Треба да знаете
Последни објави