Search

ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО ВО МАКЕДОНИЈА Столтенберг пристигна во Скопје со истата порака – името, па НАТО

 

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО денеска ќе има обраќање во Собранието на Република Македонија. По подолга пауза во Собранието за оваа прилика ќе се вратат и пратениците на опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ кои со овој чин сакаат да ја покажат својата определеност за членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

 

Столтенберг вчера на скопскиот аеродром беше пречекан од Радмила Шекеринска, министерката за одбрана. Потоа со премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска и Бујар Османи и со Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО, сите заедно имаа неофицијална вечера во ресторан на периферијата на Скопје.

Од таа прилика на својот твитер-профил премиерот Зоран Заев објави фотографија. „Реформските заложби на оваа Влада ја отсликуваат јасната ориентација на нашата земја за членство во НАТО и ЕУ“, напиша Заев во својата твитер порака.

Пред неговото доаѓање во Скопје, државната агенција МИА објави интервју со Столтенберг во кое тој рече дека „НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја членка, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН“.

Вчера по разговорите во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц изјави дека е на повидок решение за името и дека на преговарачите на Грција и на Македонија им дал нов сет предлози. За разлика од него, амбасадорот Васко Наумовски,македонскиот преговарач за спорот што Грција го има со нашето уставно име, изјави дека предлозите се далеку од достоинствени.

На ова веднаш реагираше и Владата на Република Македонија која соопшти дека „по внимателна анализа на рамката на Нимиц што ја презентирал пред преговарачите во Њујорк, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Република Македонија”.

Средбата со премиерот Заев со Столтенберг е закажана за 15 часот со официјална церемонија на платото пред Владата, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на почесната воена гардиска единица.

Потоа Заев и Столтенберг ќе одржат и конференција за медиумите.

Треба да знаете
Последни објави