Search

Фатиме Фетаи: Насилството во општина Центар произлезе од мозокот на Никола Груевски

По признавањето на вината за случајот за насилството пред општина Центар од обвинетиот Томислав Лазаров, обвинителката Фатиме Фетаи во завршен збор рече дека насилничкото однесување за кривично-правниот настан за кој обвинетиот признал вина произлегува од мозокот на Никола Груевски, а по него доаѓа и неговиот послушник Миле Јанакиески.

 „Признанието на вина на обвинетиот Лазаров ме изненади, но тоа секако е позитивно. Истото не само што е од значење за оваа постапка, туку е од значење и за самиот обвинет кој има право на избор на видот и висината на казната. Се работи за високообразован семеен човек, татко на две деца кој досега не е осудуван и против него не се води друга постапка. Станува збор за партиски кадар кој е впрегнат во интересите на највисокото раководство на партијата. Судот треба да ги земе предвид и олеснителните околности, но исто така и отежнувачките, односно пораката која овој настан ја праќа, а тоа е дека со насилство може да се спречи нормалното функционирање на избраната власт, а ова има и далекусежни последици и на 27 април годинава. Барам кривична санкција во согласност со законот“, изјави Фетаи.

Лазаров пред судот во завршен збор рече дека сѐ уште е актуелен советник во општина Центар и вети дека ниту по настанот не го повторил, ниту пак ќе го повтори насилството. Тој изјави дека признанието го дава свесно, свесен е за последиците, дека не бил присилен ниту од полицијата, ни од СЈО, туку самиот така одлучил.

Неговиот адвокат Димитар Дангов побара казна соодветна на признанието.

Судијката Татјана Михајлова одлуката требаше да ја објави денеска со оглед дека овој предмет се води по скратена постапка, но побара разбирање бидејќи била изморена од денешното судење и објавата на пресудата ја закажа за 24 ноември.

 

Треба да знаете
Последни објави