Search

ЕКСЛУЗИВНО Груевски: Поднесувам оставка, партијата на вонреден конгрес ќе бира нов лидер

Опозицискиот лидер, Никола Груевски во интервју за порталот Курир најави дека ќе си поднесе оставка пред органите на партијата, по што очекува да биде свикан вонреден конгрес на кој ќе биде избран нов лидер.

Опозицискиот лидер, Никола Груевски во интервју за порталот Курир најави дека ќе си поднесе оставка пред органите на партијата, по што очекува да биде свикан вонреден конгрес на кој ќе биде избран нов лидер. Еве дел од интервјуто:

КУРИР: Во Вашето последно интервју кажавте дека се подготвува анализа за поразот на изборите. Во јавноста главното прашање е дали Никола Груевски ќе остане претседател на ВМРО-ДПМНЕ или не. Дали тоа ќе зависи од исходот на таа анализа?

Јас вечерта после првиот круг на изборите кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Потоа во телевизиско интервју појаснив дека секогаш во еден тим кој се натпреварува, било политички, спортски, бизнис или слично, најголемата одговорност по дефиниција ја носи првиот човек. Тие кои добро ме познаваат и оние кои добро разбираат политички пораки ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка.

Партијата, согласно статутот ќе оргазнизира вонреден конгрес, на кој освен извештајот за анализта на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа го мислев и тогаш на 15ти октомври вечерта, но заради актуелноста на изборите го кажав со политички речник. Тоа го мислам и сега, и бидејќи двата круга на изборите поминаа, емоциите од кампањата стивнаа, и можам да го кажам и најдиректно и понепосредно.

Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности.

Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера.

КУРИР: Кога очекувате дека ќе заврши анализата и дали оставката ќе уследи по неа?

За анализата веројатно ќе треба уште недела до две, а оставката може и немора да е поврзана со нејзиното завршување, бидејќи не е поврзана со нејзиниот исход.

Груевски во интервјуто зборува и за протестите, како и за одлуката на Обвинителството за организиран криминал за крвавиот четврток да приведе 36 луѓе и да одреди мерки притвор и домашен притвор, но и за протестите организирани и поттикнати од него.

КУРИР: Деновиве имавте прес конференција на која го изразивте револтот од притварањето на 36 лица за кои се покрена истрага за тероризам за настаните во парламентот на 27-ми април оваа година. Судот одреди притвори, а Вие оргнизирате протести протести. Кои ќе се следните Ваши чекори?

-За сите следни чекори одлучуваме заеднички во партијата. Имаме и секојдневни средби и на пратеничката група. Но јасно е дека станува збор за конструкција од највисок ранг. Влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување а потоа и на прес конференција го осуди тоа. Од друга страна јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои се до тој момент цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент. Луѓето, кои беа испровоцирани и кои влегоа веројатно мислеа дека со тоа ќе помогнат на државата, а всушност водени од емоции наседнаа на нечија стапица. Тие влегоа од патриотски побуди. По неколку месеци кога видовме дека се ослободуваат голем број осудени за криминал лица, кога се најави и закон за амнестија со кој ќе се амнестираат над 1000 затвореници меѓу кои голем дел за нанесување тешки телесни повреди, стана јасно дека имаме селективна правда во земјата спроведувана од оваа власт, и кога веќе е така, добро е да се направи едно сеопшто помирување, со закон да се ослободат од кривично гонење овие лица кои влегоа во парламентот, и во земјата да се фокусираме на напредок и реформи наместо на заглавеност во минатото. Всушност такви закони се носеле и во минатото и тоа од сите партии.

Треба да знаете
Последни објави